– Во Прилеп денеска ќе се одржи 16. издание на поетската манифестација „Поетско Маркулкуле“ со учество на поети од 14 земји од земјава, регионот и пошироко.
На годинашната манифестација пријавени се 220 учесници кои претходно ги испратија своите авторски творби што се дел од зборникот „Петско Маркукуле 2023“.
На 268-те страници од зборникот објавени се 220 песни, во најголем дел од поети од земјава и Прилеп како домаќин на оваа традиционална меѓународна поетска манифестација. Авторите се поделени во три категории – домашни автори, странски и автори од дијаспората и млади автори до 18 години. Од странските земји учествуваат автори од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Австралија, Германија, Бугарија, Турција, Ерменија, Полска, Украина и од Канада.
На настанот, што ќе почне во 18 часот на Камената бина во центарот на Прилеп, се очекува да присуствуваат околу 150 учесници, а од странските автори, своето присуство го потврдија најмалку 13 учесници.
Клубот на литературни творци од Прилеп ја презеде организацијата на оваа манифестација во 2019 година, после откажувањето од страна на дотогашниот организатор Градската библиотека „Борка Талески“.
Годинава, покровители на манифестацијата се Општина Прилеп, Министерството за култура и неколку домашни компании.
Првото издание на „Поетското Маркукуле“ се одржа во 2007 година по иницијатива на прилепчанецот Љубен Димкароски Димкар.