Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

botvinov_345345435
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Музичката програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со украинската вечер во чии рамки ќе одржи солиситички концерт на пијанистот, маестро Алексеј Ботвинов.

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист повеќе од 300 пати ги има изведено „Голдберг варијациите“ на Бах.


Ботвинов има концертирано на сцени во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година Ботвинов беше прогласен за Народен уметник на Украина – највисоко национално уметничко признание, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање  па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ што му ја доделува Швајцарската влада.

Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој има снимено це-де за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи це-де во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов што ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.

За настапот на маестро Ботвинов е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се Бах, Шопен, Брамс, Скорик, Силвестров, Караманов и Рахмањинов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK