Претставата на Кумановскиот театар „Прво лице еднина“ вчера вечер настапи на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Германија, „MOST“ кој од први до шести октомври се одржува во Хановер.
На огромно задоволство на германската публика актерката Владанка Крстевски потполно ги освои нивните срца со емоцијата која ја прикажа преку монодрамата – Прво лице еднина, во која на маестрален начин прикажа дванаесет женски ликови со своите проблеми, лични ставови и карактери.
Режијата на претставата е на Драгана Гунин.
Актерката доби признание за исклучително моќно и емотивно прикажување на карактерите во претставата.
Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Тие жени жртвуваат се за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе не однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, – раскажува младата актерка Владанка Крстевски, пренесува Кумановски театар.