Во организација на Историскиот музеј од Брашов, од денеска до 13 август во овој град во Романија се одржува Меѓународен стрип салон на историски стрип. Во голема конкуренција, стрипот на младата Анастасија Недељковска од Куманово е избран да биде изложен и да влезе во официјалниот каталог.
-Нејзиното излагање во Романија е врз основа на соработката почната преку проектот „Can for Balkan“ на кој со свои стрипови учествуваат повеќе македонски автори, информираше Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес.
Анастасија Недељковска е 18-годишна ученичка во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Активно учествува на стрип натпревари и изложби од 2019 година и е дел од македонската младинска стрип сцена.
Трајков од СЦМ-Велес посочи дека историскиот стрип како тема е доста развиен и популарен и има континуитет во Романија.
– За оваа година беше објавен меѓународен конкурс за контрафактуален стрип, што може да се преведе како испревртена историја или слободно речено – „што би било кога би било“, рече Трајков.
На Стрип фестивалот во Брашов покрај изложбата ќе има и едукативни работилници, промоции и придружни активности.