Синдикат на Македонска филхармонија: Секојпат кога државата ќе носи одлуки кои не одат во прилог на нашата институција, соодветно ќе реагираме

Синдикат-на-Македонска-филхармонија-Секојпат-кога-државата-ќе-носи-одлуки.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Разочарани сме, но не и изненадени од одлуката за разрешување на директорката и Управниот одбор на нашата институција, Македонска филхармонија. Свесни сме дека причините за разрешувањето коишто Министерството за култура ги наведе во јавноста не ја рефлектираат вистината, а одлуката се должи на тоа што директорката Тина Иванова и членовите на УО застанаа зад сите нас, вработените во Македонска филхармонија кои бевме против штетната и нетранспарентна одлука за вдомување на џез оркестарот во просториите на нашата институција“, велат од Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ.


„Затоа, со огромно негодување, жал и резигнираност го примивме известувањето за разрешувањето на Тина Иванова од функцијата директор на Македонската филхармонија. Но, во оркестарот и во Синдикатот, овој потег на Министерката за култура не беше и неочекуван. Министерката за култура како надлежна прекина секаква комуникација со директорката, а со тоа и со нас и со институцијата во целина, а откако го создаде проблемот со нејзината тајна мисија Национален џез-оркестар да биде сместен во зградата на Филхармонијата на што систематски реагиравме.

Откако Министерката за култура и Владата најдоа друго соодветно решение за проблемот, за кратко помисливме дека комуникацијата меѓу институцијата и Министерката, по неколку месечни тортури, инспекции, непринципиелни неразбирливи притисоци, ќе се нормализира и дека во нашата соработка нема место за лични хирови и каприци.

Но, за жал, со разрешувањето повторно посведочивме носење штетна одлука и поради фактот што сите сме свесни, ние и јавноста, дека диркеторката и УО не се разрешени поради причините коишто Министерството за култура ги наведе во документите за нивното разрешување, сакаме да изразиме поддршка за Тина Иванова и сите членови на УО, затоа што тие застана зад сите нас и зад куќата со којашто раководеа со професионалност и интегритет.

Со ова наше обраќање сакаме уште еднаш да и укажеме на Министерката за култура дека ние, вработените во Македонска филхармонија, нема да дозволиме повторно валкање и рушење на угледот и реномето на нашата институција и дека секојпат кога државата ќе носи одлуки кои не одат во прилог на нашата институција, соодветно ќе реагираме.

Директори се менуваат, но не треба да се менува односот на државата кон своите најзначајни институции. Во тој контекст не се менува ниту нашата примарна заложба да ја штитиме институцијата секогаш кога ќе биде доведен во прашање нејзиниот интегритет.

Очекуваме кооперативност од Министерството за култура чија основна задача е да ги штити интересите на уметниците и да гради здрава и афирмативна културна политика“, се наведува во соопштението на Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK