– Со настап на седум хорови синоќа се одржа првата вечер во рамки на 32. издание на Меѓународниот фестивал на хорска музика Тетовски Хорски Одзиви-ТЕХО. Воедно годинава се одбележуваат 50 години од постоењето на фестивалот кој прв пат се организирал во 1973 година. Покровител на фестивалот е претседателот Стево Пендаровски кој во видео порака истакна дека низ годините, фестивалот стана автентична платформа за меѓународна промоција на македонските композитори, диригенти и хорови од кои многумина ја започнале својата кариера токму на „ТЕХО“.
Претседателот на ТЕХО, диригентот Ивица Зориќ пред публиката во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ потсети дека цело Тетово живеело за хорската музика пред пет децении.
-Фестивалот се одржуваше три дена, од 22 до 24 јуни, ете оваа година се поклопија и датумите. Сите членови на хорови кои пристигнаа во Тетово по мое сеќавање престојуваа во домовите на тетовските семејства и затоа велиме дека целиот град живееше за хорската музика. Претходно конкуренција каде да биде хорскиот фестивал, во Битола или во Тетово – па Тетово со своите атрибути и квалитети се наметна и со голема заслуга ја доби таа функција да го организира фестивалот. Во тој период нашите сограѓани имаа чувство и чест да го организираат тој фестивал благодарение на тогашниот градоначалникот Кочо Тулевски, академикот Тодор Скаловски којшто се вложи во фестивалот, Тома Ристовски, културно-просветната заедница и сите ние граѓаните на Тетово се вклучивме во организирање на фестивалот, порача Ивица Зориќ.
Годинава генерален покровител е претседателот Стево Пендаровски кој се обрати преку видеопорака.
-Фестивалите со долга традиција и континуитет се вредна точка што и овозможува на секоја идна генерација критички да ја преиспитува наследната култура и на тој начин да ги разликува трајните вредности од минливите. Денес прославуваме 50 години од фестивалот ТЕХО востановен во 1973 со цел да ја возобнови долгата традиција на хорско пеење кај нас. Фестивалот прерасна во значајна манифестација не само за градот Тетово туку и за македонската култура воопшто, порача претседателот Стево Пендаровски.
Претседтелот истакна дека овој фестивал го промовира и македонскиот мултикултурен мозаик. Со помош на универзалниот јазик на музиката, „ТЕХО“ ги поврзува луѓето од различна етничка, јазична и верска припадност. Долгогодишната истрајност на организаторите во негувањето на световната и духовната хорска музика од различни културни традиции е навистина подвиг достоен за почит.
-Фестивалот „ТЕХО“ не само што го издржа тестот на времето, туку и ја оправда целта на своето постоење и затоа ја заслужува нашата безрезервна поддршка, оцени Пендаровски.
На првата вечер настапија детскиот хор „Лале“ и хорот „А капела“ од Тетово, „Гортинија“ од Гевгелија, Македонски камерен хор од Нов Зеланд, хор „Розафа Експрешн“ од Скадар, Албанија, Женски младински хор при Младински културен центар Скопје и Академскиот хор при Студентски културен центар од Ниш, Србија. Во фоајето на Центарот беа изложени плакати, фотографии и материјали од сите претходни фестивали.
Денеска три хорови ќе настапат на пладне во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј, а фестивалот вечерва продолжува од 19.30 часот во Центарот за култура каде настапуваат уште седум хорски состави.