Самостојна изложба на Ервин Ќатовиќ во Мала станица

Самостојна-изложба-на-Ервин-Ќатовиќ-во-Мала-станица.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уште една изложба ќе биде поставена во Мала станица од 17 ноември 2023, со официјално отворање во 19 часот. Станува збор за претставување на Ервин Ќатовиќ, ликовен уметник и професор од Србија. На отворањето пред публиката ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и кураторката Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.


Самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, насловена „Градина“, во Националната галерија за првпат ни го открива неговиот импозантен творечки опус. Лирскиот апстракционизам во комбинирана техника, преку наплив на колоритен израз, ни го фокусира погледот во длабочината на насликаното платно. Темата ни ја предава со композициско значење и живописно нѐ води во креативната сензација на реалниот свет. Тоновите се движат во богата палета на светли и темни, од нијанси на темнокафени, бургундско црвени до масивни нијанси на јарко црвени тонови, нијанси на жолта и смарагдна до виолетова боја. Формите во композициите се налик на емоционален или интинуитивен образец, со паралелна разновидност.

Тематски, Ќатовиќ нѐ води кон натуралистичка тенденција, репрезентативно отсликувајќи ја реалноста со користење на низа апстрактни моменти. Чувството на леснотија во потегот е повеќе од извесно и успешно нѐ води во хоризонтален формат, каде темните бои што асоцираат на животното искуство се претопуваат во просторот и времето, во жанровски реален состав. Спротивно на ова, композицијата се кохезира со јаркиот тоналитет во разбирањето на помоќното и попрецизното уметниково изразување. Неговите понови слики се на бела заднина со изблик на зелено-модар до окераст пристап. Боите во композицијата нѐ внесуваат во длабочините на употребените симболи и фрагменти од линии и вертикали, дури и геометриски форми, што води кон испреплетена разновидност.

Сликарството во оваа „Градина“ на Ќатовиќ ни ја доближува неговата природа на радост, топла лирика и емпатија, каде преку јазикот на уметничкиот израз ја обликува општата идеја на условно асоцијативните рефлексии.

Изложбата на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, ќе содржи дваесетина слики во техника акрил на платно, изработени повеќето во период од 2022/23 година и неколку дела од постариот творечки опус.

Куратор, Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

ЕРВИН ЌАТОВИЌ
Роден е на 12.09.1966 во Приштина. Факултетот за ликовна уметност и постдипломските студии ги завршува на Факулетот за ликовна уметност во Приштина (Р.Косово). Своите студиски претстои и обуки ги реализира во Италија и Франција. Работи како редовен професор на Факултетот за ликовна уметност во Звечани, при Универзитетот во Приштина, со привремено седиште во Косовска Митровица. Редовен професор е на Катедрата за уметност при Државниот универзитет во Нови Пазар (Р.Србија), а од 1999г. работи и како визитинг професор на Педагошката Академија во Белград (Р.Србија).

Има остварено над триесет самостојни изложби во регионот и пошироко, Берлин, Тиват, Подгорица, Нови Сад, Сараево, Сомбор, Ниш. Добитник е награди од областа на сликарството на Биенале на млади во Нови Пазар. Како истакнат студент, добитник е на наградата „Златна палета“ на Здружението на ликовни уметници на Србија во 2019, по повод 90 години јубилејот на друштвото. Добитник е на признанија и благодарници од Српската Академија на науки и уметности во 2009 г.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK