Две претстави на национални театри избрани во официјалната програма на 57. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе бидат изведени вечерва на четвртиот ден на фестивалот. Како што е најавено, за време на првата претстава која се роди како резултат на „Едукативните работилници“, што фестивалот ги воведе од оваа година, ќе се претстават учениците од ОУ „Климент Охридски“, предводени од наставничката Јулијана Талеска.
Еден час подоцна ќе следува промоција на „Еуродрам“. Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов ќе се изведе во театарот „Војдан Чернодрински“. Улогите ги толкуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
-Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите, посочува во образложението, уметничкиот директор Ана Стојаноска.
Подоцна, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска.
Улогите ги толкуваат Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Вчера беа изведени три претстави низ цел град – „Под.готвено“, „Заминувања“ и „Скопјани“, а гостуваа и студенти на ФДУ со дипломска претстава. Со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на прилепскиот театар, се одржа тркалезна маса, на која се разговараше за предизвиците на оваа претстава.
-На читачките проби ја гледавме само комедијата во претставата, без разлика дали ни се допаѓаше или не, но како што влегувавме во процесот на работа комедијата беше да се даде ѕид со насмевка за да се прикрие болката. Во сите сцени е вклучена религијата, рече актерот Илија Волчески. За актерката Марија Спиркоска Илијески, ова е ретка претстава на која оделе со кеф на пробите. -Не си одевме дома, и велевме ај пак да пробаме, за Диме да рече „напамет ја научивме“. И тоа, на наше инсистирање. Таа е радост на играта, и се смеевме и плачевме, побуди емоции кај публиката која ги искажа во коментари по претставата, рече Спиркоска-Илијески.
Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.