Рациново признание за Фросина Пармаковска

свечено-врачување.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Фросина Пармаковска со романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е добитничка на Рациновото признание за 2024 година. Наградата ѝ беше врачена на 19 јуни на свеченото отворање на 61 издание на Рацинови средби во Спомен-костурницата во Велес.

Одлуката за наградата во конкуренција од 25 книги ја донесе жирито во состав: Светлана Петрова Џамбазова (претседателката) и Маја Апостоловска и Јасминка Делова Сељанова (членки).

Во образложението на одлуката за наградениот роман меѓудругото стои:

„Ова е дело коешто го користи навидум индуктивниот метод, поаѓајќи од ликовите нѐ запознава со основните развојни линии на приказната, пополнувајќи ја секојпат со новина за главниот лик Иван и за неговото најтесно (пријателско и роднинско) опкружување. На тој начин авторката создава една сложена структура на ликови, односи, релации, настани, давајќи ни детали и за другите ликови, но секогаш враќајќи го фокусот на нарацијата токму на главниот лик и на неговите интимни чувствувања, размисли, расположби и стравови, со коишто не е секогаш во состојба да се соочи и запаѓа во меланхолични до депресивни кризни состојби.

Авторката го прифаќа предизвикот низ објективни истражувачки постапки да дојде до свои сопствени сознанија, прекршени низ призмата на својот сеизмографски прецизен сензибилен капацитет и да проговори топлочовечки, раскажувачки вешто за депресивните нарушувања сѐ поприсутни кај човекот денеска, за аферата на украдените бебиња во поранешна Југославија, за којашто многу се пишувало и се истражувало години по случувањата, за прашањата коишто го мачат човекот денеска шекспировски можеби, но и онтолошки, гносеолошки, теолошки, песимистички, оптимистички, реални, магични и магиски… сугерирајќи ни повеќестран приод кон суштинското во приказната.“

Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е во издание на издавачката куќа Или-Или како книга бр. 226 во едицијата ПРОаЗА.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK