Промоција на книгата „Сребрени ноќни игри и заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје вечер во 19 часот ќе биде одржана промоција на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај. Ова јубилејно издание на целокупното творештво на Даница Ручигај го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти по повод шеесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година.

-Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри” беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот” постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај, која многумина ја нарекуваат македонската Силвија Плат и амазонка на македонската поезија, остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Таа со својата исконска физичка и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Мора да се признае, сакал некој или не, дека во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда, наведува во најавата за промоцијата новинарот Стаменов.



И ова издание, како впрочем и претходното „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, што Свето Стаменов и Искра Чоловиќ го приредија во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса, ги содржи двете нејзини стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, како и двете нејзини последни песни „Кругови“ и „Без наслов“ („Се враќам да ја затворам вратата“) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на падините Водно. Во делот насловен „За Даница кажаа…“, пак, приредувачите даваат кратки размисли и импресии за ликот и делото на поетесата на педесетина научни, културни и книжевни дејци од земјава и од странство. Книгата содржи и комплетна библиографија на книжевниот опус на Даница, на секундарната литература за неа (книги, есеи, литературни критики, осврти… аудио и ДВД изданија) и преглед на културните и научните настани поврзани со нејзиното творештво (промоции на книги, литературни вечери и симпозиуми и сл.) во изминатите шест децении, како и факсимили на повеќе песни напишани од самата Даница Ручигај.

Освен тоа, книгата е збогатена и со пригодни текстови посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво на проф. д-р Васил Тоциновски, литературен критичар, писател и поет; проф. д-р Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор во Скопје и еден од најзначајните словенечки дипломати, универзитетски професор, писател и поет; проф. д-р Намита Субиото, истакната словенечка славистка и македонистка – шеф на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана,  д-р Лилјана Пандева, поизната македонска писателка и проф. д-р Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и истакнат лингвист, славист и македонист и писател.

Промотори на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ на Даница Ручигај ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Милан Јазбец и проф. д-р Димитар Пандев, а присутните ќе ги поздрави проф. д-р Елена Јованова Грујовска – директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кој годинава одбележува два значајни јубилеја: 70 години од основањето и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков. Модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска – спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ.

На промоцијата госпоѓа Златица Ручигај Поповиќ на поголем број поединци и институции ќе им додели повелби и благодарници заради нивниот исклучителен придонес во зачувувањето, негувањето и афирмацијата на ликот и делото на нејзината сестра – првата македонска поетеса Даница Ручигај.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK