Со претставата „Мојот маж“, Драмскиот театар Скопје ќе учествува во програмата за одбележување на јубилејот „80 години Народен театар – Битола“.
Вечерва со почеток во 20 часот, на сцената во Битолскиот театар, ансамблот на Драмски ќе гостува со претставата „Мојот маж“, работена според колажот од расказите на Румена Бужаровска и авторските монолози, во режија на Нела Витошевиќ. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова – Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска – Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. „Мојот маж“ се играше во „Београдско драмско позориште“, во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора во „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.
Претставата „Мојот маж“ е повеќекратно наградувана на најголемиот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и на меѓународните фестивали каде што учествувала. Драмски театар Скопје летово настапи во натпреварувачката програма на „Фестивалот на медитеранскиот театар Пургаторије 2024“ во Тиват, Црна Гора, каде екипата на „Мојот маж“ ја доби наградата за актерска бравура. Наредната, 40та, изведба на претставата е на матичната сцена во Драмски на 14 декември.