Преставата „Син“ на режисерот Дино Мустафиќ, работена по текстот „Син“ од трилогијата на Флоријан Зелер вечерва на фестивалот „Рута“ во Драмски театар Скопје во 20 часот. Претставата е во изведба на Камерни театар 55 од Сараево и нејзината премиера беше во мај на матичната сцена на театарот.
На прес-конференцијата говореа петмината актери од претставата која всушност раскажува приказна за семејството, за депресивниот тинејџер, растргнат меѓу разведените родители. Ликовите раскажуваат приказна за луѓето кои не прават ништо друго освен што се обидуваат да ги најдат вистинските зборови.
„Добрата претстава, верувам, е претставата по која имате потреба да разговарате, да поставувате прашања, да анализирате и да дискутирате. По оние претстави што се извонредни може и долго да се молчи, да се седи во тишина, исто како по молитва, медитација или голема загуба. „Син“ е токму такво парче уметност, кое нѐ повикува на долга тишина и молк, но и на простување, смеа и плач. Дино Мустафиќ е режисер кој знае дека театарот е простор (и време) во кое имате можност, и привилегија, да се ставите во туѓата кожа, да прифатите туѓите искуства да станат ваши. Простор за емпатија. Простор во кој човечките емоции се секогаш поважни од фабулата или самиот след на дејства и изговарање на репликите. Раскажувањето на приказната, и покрај оган, како и она покрај поспаното дете, се чини магично, а токму таква магија создава актерскиот ансамбл на Камерниот театар 55, во претставата „Син“.
Гледањето на претставата, исто како и кога се чита книга, ни овозможува да бидеме јунаци, во туѓите чевли да осетиме радост, болка, љубов, страдање, страв, тага, осаменост. А оваа претстава ни дава прилика да бидеме, по сопствена желба и одлука, синови, татковци и(ли) мајки“- истакнува во програмата за претставата Алмир Имширевиќ.
Автор: Флоријан Зелер; Режија : Дино Мустафиќ; Драматург: Ведран Фајковиќ; Сценограф и костимограф: Адиса Ватреш Селимовиќ; Композитор: Ирена Поповиќ; Асистент композитор: Никола Драговиќ; Продуцент: Сенан Алихоџиќ; Асистент на продукција: Скендер Башиќ;
Улогите во претставата ги толкуваат: Адмир Гламочак, Давор Голубовиќ, Сабина Бамбур, Џана Пињо, Амар Селимовиќ
Во рамките на фестивалот „Рута“ претставата ќе биде изведена на 06 октомври (петок) во 20 часот на сцената на Драмски театар Скопје.