На 16 и 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток од 20:00 часот ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски. Ова беше соопштено на прес-конференцијата која се одржа денеска во Македонскиот народен театар, на која присуствуваа членови на актерската екипа заедно со режисерката Нела Витошевиќ, претставникот од продукциската куќа „Сектор Филм“, директорот на МНТ, Никола Кимовски, како и Емилија Андоновска, Главниот комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком, кој стои зад реализацијата на оваа претстава.
Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.
„Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски Телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа која ќе се појави на сцената на МНТ е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi Скопје дел од Публицис Групацијата, а инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година.
„Делата на Горан Стефановски се врежани во нашата меморија, подеднакво се силни и денес и нѐ обединуваат: да се прифатиме кои сме, да ги надминеме предрасудите и вистински да се поврземе. Годината ја почнавме со оваа тема, и ја завршуваме со истата порака, преку театарот како медиум кој се обраќа на целата јавност и преку делата на Стефановски. Претставата ’Замисли нов свет‘ е нашата инвестиција во културата и македонските уметници кои оставиле белег и чии дела треба да се пренесуваат“, изјави Емилија Андоновска, Главен комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овојпат во продукција на „Сектор Филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.