Културните работници денеска во 13 часот ќе протестираат пред Уставниот суд, во организација на Синдикатот на културата, поради стравувањата дека постапката поврзана со Колективниот договор во културата може да доведе до уривање на веќе стекнатите работнички права.
Протестот е најавен под пораките „Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не се понижуваат“, а синдикатот предупредува дека евентуално слабеење на Колективниот договор би имало пошироки последици врз правата на работниците и врз целиот систем на колективно договарање во секторот.
Во пресрет на протестот, од Уставниот суд излегоа со соопштение во кое појаснуваат дека сè уште не е донесена конечна одлука за спорниот предмет.
„Во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за културата“, соопшти Судот.
Оттаму нагласуваат дека станува збор за втора фаза од постапката, во која допрва ќе се оценува уставноста и законитоста, а конечна одлука сè уште нема.
Уставниот суд апелира до јавноста внимателно да ги следи информациите за предметот, за да не се создава впечаток дека веќе е донесена одлука или дека се преиспитуваат вредноста и примањата на културните работници.
„Предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања. Уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници“, наведуваат од Судот.
Од Синдикатот, пак, предупредуваат дека прашањето е пошироко од платите и се однесува на тоа дали државата ќе ги почитува веќе потпишаните договори или тие ќе можат да бидат релативизирани кога ќе станат политички непогодни.
Денешниот протест доаѓа по претходниот собир пред Министерството за култура и туризам на 16 април, кога културните работници побараа продолжување на преговорите и почитување на Колективниот договор.