По настапот со Карерас, Влатко Стефановски најави специјална Acoustic Night со пријатели во декември во Македонската филхармонија


stefanovski-hd.jpg-f-1-1-2.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Откако пред неколку дена ја воодушеви публиката на големиот концерт во Скопје, каде што настапи заедно со светската оперска легенда Хозе Карерас во рамките на одбележувањето на Денот на независноста на Северна Македонија, Влатко Стефановски најави нов музички настан кој на 17 декември повторно ќе ја собере неговата публика во Македонската филхармонија.


Еден од најзначајните гитаристи од овие простори во декември ќе го одржи специјалниот концертен проект „Влатко Стефановски & Пријатели – Acoustic Night“.

Публиката ја очекува интимна вечер исполнета со врвно музицирање и пресек на богатата кариера на уметникот кој повеќе од пет децении ги поместува границите на музичкиот израз. Во акустична атмосфера на Македонската филхармонија, Стефановски ќе изведе избор на композиции кои го одбележаа неговиот опус – од безвременските композиции од периодот на култниот состав Леб и сол, до најпознатите моменти од неговата богата соло кариера.

Концертот ќе донесе и неколку музички изненадувања. На сцената на Стефановски ќе му се придружат пријатели од светот на музиката, но нивните имиња засега не се познати. Организаторите најавуваат специјални гости, со што оваа вечер би требало да добие дополнителна димензија и атмосфера на музичка средба на пријатели.

Познат по својот уникатен спој на рок, џез, етно и класична музика, Стефановски ќе изведе избор од композициите кои го одбележаа неговиот исклучителен опус. Акустичниот формат особено ќе ја истакне неговата виртуозност, емоција, импровизација и препознатлив музички сензибилитет – квалитети кои со децении го држат на самиот врв на регионалната музичка сцена.

Влатко Стефановски професионалната кариера ја започнал уште за време на гимназиските денови, а светската препознатливост ја стекнал како основач и гитарист на легендарниот состав Леб и сол. Со групата има снимено тринаесет албуми и настапувал на бројни значајни концертни сцени. Потоа изгради импресивна соло кариера, во рамките на која објави бројни албуми, компонираше музика за филм, театар и балет и оствари соработки со голем број реномирани домашни и меѓународни музичари.

Во својата богата кариера настапувал со гудачки ансамбли, џез оркестри, симфониски оркестри и камерни состави ширум светот, останувајќи верен на својот препознатлив музички јазик и на постојаната желба за истражување на нови звуци.

Посебна поврзаност со Македонската филхармонија постои и од минатата година. Стефановски токму таму, во мај 2025 година, на два распродадени концерта одбележа 50 години музичка кариера. Големиот јубилеј го прослави со бројни пријатели и музички соработници, а меѓу гостите беше и Бajага, што дополнително ја одбележа оваа посебна вечер.

Гостите на овогодишниот концерт засега остануваат изненадување. Кој ќе му се придружи на Стефановски на сцената на Македонската филхармонија, организаторите ќе објават дополнително, но веќе сега е јасно дека Acoustic Night ќе биде можност публиката да го доживее еден од најголемите гитаристи од овие простори во поинтимно и поинакво издание.

По неодамнешната спектакуларна средба со Хозе Карерас, Стефановски продолжува да приредува посебни музички вечери, а декемврискиот концерт во Македонската филхармонија ќе биде уште една средба со публиката која со децении ја следи неговата музика.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK