Македонскиот сценарист и режисер со „привремена“ американска адреса, оваа есен, барем накратко, се враќа дома во Македонија.
На претстојниот интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки„ кој ќе се одржи од 19-ти до 25-ти септември во Битола, Дарко Митревски ќе гостува како предавач со провокативно насловен мастерклас: „Како да НЕ снимите здодевен филм?“.
На нашиот најголем филмски фестивал, Митревски ќе сподели дел од неговите досегашни професионални искуства и неколку сценаристички „рецепти“ за помладите колеги. Мастеркласот „Како да НЕ снимите здодевен филм?„ е замислен како презентација на низа раскажувачки техники со кои писателите го пленат вниманието на публиката уште од времињата на античката драма, па се до епохата на современиот Холивуд.
Или кажано со неговиот пргав вокабулар: „Во пишувањето филмски приказни не постои нешто што се вика недостиг на инспирација. Постои само незнаење и мрза, кои лесно можат да се победат доколку се поседува алатот и се знае занаетот.“, вели Митревски.
На пошироката јавност Митревски и е познат како автор на двата најгледани македонски филма во историјата на македонската кинематографија: легендарната црна комедија „Балканкан„ со продадени 150.000 кино влезници и 20.000 ДВД копии, како и фудбалскиот еп „Трето полувреме„ кој во кино салите низ Македонија го видоа над 90.000 гледачи. Исто така е автор и на популарните ТВ серии „Уа, шнајдери!„ и „Досие Скопје„, како и креатор на низа музички видеа од златното време на македонската поп и рок музика.
Неговите филмови настапуваа на стотина филмски фестивали: Московскиот филмски фестивал, лондонскиот Raindance, калифорнискиот Cinequest, шпанскиот Sitges, меѓународните фестивали во Стокхолм, Вашингтон, Рим, Минхен, Њујорк, Хелсинки, Мајами, Токио, Каиро, Палм Спрингс, Тромсо, Котбус, Киев, Атланта, Букурешт, Порторико, Загреб, Белград, Мотовун, Софија… Добитник е на низа награди во Америка, Европа и регионот.
Во САД, Митревски потпиша договор за отстапување на правата за две свои сценарија, кои очекуваат реализација, а неодама во продукција на „Vinegar Syndrome“ излезе и луксузно блуреј ре-издание на неговиот првенец, „Збогум на дваесетиот век“, на кој Митревски е коавтор на сценариото и режијата, заедно со Александар Поповски.