Писмо со поддршка од Венецискот филмски фестивал за Милчо Манчевски

milco mancevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Венецискиот филмски фестивал, најстариот во светот, објави писмо со поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски против политичкиот прогон врз него како укажувач на корупција во Македонија. Писмото објавено на сајтот на Фестивалот е потпишано од директорот Алберто Барбера и претседателите на двете италијански здруженија на филмските автори, Франческо Раниери Мартиноти на здружението „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и Франческа Коменини на „Ченто Аутори“ (Cento Autori). Ова е редок гест на една од најреномираните институции во светот.

Во писмото се вели:


„Почитуван г. Манчевски,

Исклучително ни е жал што слушаме дека се соочувате со масовна политичка кампања на клевети, лични закани и политичка и професионална црна листа.

Потписниците на ова писмо – кое ја покажува загриженоста што ја делат Венецискиот филмски фестивал и двете италијански здруженија кои ги претставуваат авторите и филмаџиите на нашата земја: ANAC-Autori и Cento Autori – сакаат да ви ја изразат нашата безусловна солидарност.

Ја знаеме и цениме вашата работа како уметник, која секогаш се одликува со критериуми на апсолутна етичка и морална коректност, на експресивна доследност поттикната од силно чувство на општествена одговорност и интелектуална чесност. Уште од вашиот прв филм „Пред дождот“, кој го освои Златниот лав за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година, и кој помогна целиот свет да дознае за постоењето и квалитетот на кинематографијата во Северна Македонија. А потоа, преку вашите подоцнежни дела, меѓу кои и оние создадени надвор од вашата матична земја, со постојана цел да се вратите таму еден ден (како што и сторивте), да помогнете во зајакнувањето на филмската индустрија која сè уште има потреба од поддршка за да продолжи да расте.

Затоа уште повеќе се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено.

Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега.

Искрено,

Алберто Барбера, Директор, Венециски филмски фестивал

Франческо Раниери Мартиноти, претседател на ANAC-Autori

Франческа Коменчини, претседателка на Cento Autori“

Манчевски изјави:

„Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во ДФРМ. Не сум единствен кој очекува дека Владата и Обвинителството доблесно ќе постапат“.

Поддршката на најстариот фестивал на светот доаѓа по повеќемесечната хајка против Манчевски, затоа што тој укажа на корупција во владината агенција. Хајката ја водеа раководствата на Агенцијата за филм и ДФРМ.

Откако „Банана филм“ на Манчевски ја пријави Агенцијата за филм за корупција, раководството на Агенцијата ја блокираше својата поддршка за проектите на Манчевски, завршениот „Кајмак“ и новиот „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“) и поднесе кривична пријава против „Банана филм“ со лажни наводи за неправилности во работата. Дека наводите се лажни потврди и инспекцискиот надзор на Министерството за култура.

Ниедна државна институција ниту инспекција досега не утврди неправилности во „Банана филм“.

И самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.

На крајот на мај, Државниот завод за ревизија даде негативен извештај за работата на Агенцијата за филм и ДФРМ, а свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и Антикорупциската комисија.  По негативниот извештај на ДЗР за работата на Агенцијата, и Транспаренси интернешнл објави нова анализа на работењето на Агенцијата, во која меѓу другото се наведува дека државната Агенција му се одмаздува на Манчевски како укажувач на корупција, што е спротивно на закон.

На крајот на јули, Управниот суд го прифати барањето на „Банана филм“ да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм и пресуди дека Агенцијата не смее да ги стопира проектите.

Агенцијата сѐ уште не постапила според одлуката на Управниот суд.

Манчевски е дел од славната историја на Венецискиот фестивал: во 1994 година „Пред дождот“ го освои Златниот лав, во 2001 година „Прашина“ го отвори фестивалот, а во 2013 година по повод 70 роденден на фестивалот, Манчевски беше поканет во екипата режисери да сними краток филм и „Четврток“ беше дел од таа селекција. Манчевски во 2012 беше и во жирито во венециската програма Хоризонти.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK