Со промоција на антологијата „Скопски раскази” и разговор со уредниците на изданието, вечер од 20 часот во Културниот центар Бруталиск ќе почне „Земјотресна недела“ – серија настани кои до 26 јули ќе се организираат за одбележување 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Антологијата „Скопски раскази”, која посетителите на вечерашната промоција ќе имаат можност да ја купат по промотивна цена, содржи раскази од познати македонски автори како Славко Јаневски, Блаже Конески, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Аљоша Руси, Данило Коцевски, Владимир Мартиновски, Горан Стефановски, Игор Исаковски, Пандалф Вулкански, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Румена Бужаровска, Жарко Кујунџиски, Владимир Лукаш…
Во рамки на „Земјотресна недела“, утре од 19 до 20:30 часот ќе се одржи едукативна работилница „Љубов голема колку Скопје“ за деца и млади во која преку различни забавни и креативни активности (игри со временски капсули, пишување стари писма, разгледби на Скопје пред земјотресот) ќе го видат градот со поинакви очи.
-Работилницата ја води Александра Тодоровиќ која во својата истоимена книга веќе им го претстави градот преку една љубовна приказна. Искусна во ова што го прави, со многу успешни работилници зад себе, Александра ги води децата низ едно несекојдевно патување во времето. Книгата за деца „Љубов голема колку Скопје“ ќе може да се купи по промотивна цена вечерта во Бруталиск, соопшти организаторот на настаните.
Музичката викенд програма ќе почне со Vanilla Friday сет на диџеј Соња Исмаил, а Brutal Saturday е резервирана за Herzel кој првпат настапува во Бруталиск.
Познатиот бар квиз во соработка со Македонската квиз асоцијација ќе има 13-то издание во вторник, 25 јули, со прашања поврзани со скопскиот земјотрес. Учесниците треба да пријават тимови најдоцна до понеделник, а победниците по правило добиваат подароци од бутикот на Бруталиск.
Денот на земјотресот, 26 јули, ќе биде одбележан со документарна филмска вечер. „Скопје сонува“ на скопската режисерка Дина Дума, како и неколку стари документарни филмови во продукција на МРТВ за скопскиот земјотрес кои ќе бидат прикажани првпат во летната градина во Дебар Маало на бул. Илинден 38.