Во галеријата Мала станица вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „ФеминаV.S.Фемининологија“ соработка помеѓу ДЛУМ и ХУЛУЛУК од Загреб.
Во проектот се вклучени десет македонски и десет хрватски авторки кои работеле во пар: Ана Трајковска – Алана Кајфеж; Вана Урошевиќ – Габријела Шимиќ; Христина Зафировска – Луциа Лабас; Јана Луловска – Никол Хјуит; Тања Таневска – Тара Беата Рац; Наташа Милованчев – Дијана Назор Чорда; Марина Цветановска-Мартиновска – Ивана Ожетски; Марина Коцарева-Ранисављев – Ивана Бакал; Маја Рауник Кирков – Ирена Гајатри Хорват и Јана Манева-Чупоска – Паулина Јазвиќ. Кураторки се Санда Станаќев-Бајзек и Јана Манева-Чупоска.
-Како една од многуте тенденции во ликовната уметност оваа тема – „Пар“ ќе вбројува ликовни уметници кои со својот различен или сличен ликовен израз ќе навлезат во ова ликовно толкување што ќе ги испровоцира да го пронајдат својот „пар“ како „спротивна“ или „еднаква“ ликовна компонента. Концептот на изработка на делата е конципиран во организиран тим односно пар од две уметнички кои ќе креираат и изработат едно или неколку дела кои треба да се компатибилни, слични, различни, спротиставени или нееднакви во својата ликовна концепција, пишува во каталогот за изложбата кураторката Манева-Чупоска.
Кураторката од Хрватска, Станаќев-Бајзек, пак, наведува дека „тие ја менуваат перцепцијата создавајќи ’здрава’ и моќна основа за тематизирање и прикажување на повеќекратниот идентитет на жената, бројните архетипи и стереотипи на кои е изложената жената, како глобални теми“.
-Преку нивната сложена морфологија и интердисциплинарен пристап кон сликарството, тие можат јасно да се прочитаат од нивните уметнички дела. Тие го тематизираат сопствениот идентитет поминувајќи низ „заедничките места“ на нашите цивилизациски сопнувања – сексуалноста, личните слободи, моралот, наметнатите улоги. Тие ја откриваат и ослободуваат жената, покажувајќи ја во многубројноста на нејзините улоги, пишува Станаќев-Бајзек во каталогот.
Изложбата за посетители ќе биде отворена до 28 јуни. Во рамки на изложбата, утре напладне во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на видеата на Јана Манева-Чупоска, Јана Луловска и Никол Хјуит.