Вечерва во 20 часот, на тајна локација во Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата „Портрет на Кралот Алкохол“ на младата талентирана фотографка и уметница Соња Ставрова.
„Портрет на Кралот Алкохол“ е фото-документарен проект на уметницата Соња Ставрова. Проектот вклучува визуелна изложба на фотографии и инсталации и го прикажува социјалниот живот во селата од тиквешкиот регион. Оваа изложба е продолжение на проектот „Кралот Алкохол” каде во фокус беше градот Кавадарци.
Изложбата „Портрет на Кралот Алкохол“ ја истражува кооперацијата (селската продавница), преку која се прикажува социјалната функција и културниот идентитет на пиењето алкохол. Кооперацијата е клучна точка за испитување на афирмативните перцепции на животните стилови поврзани со „пиењето“ како секојдневна пракса. Портретирање на другарството, ергените и осаменоста, на место каде што се дели среќа и тага.
Соња Ставрова живее во Скопје и е магистриран фотограф на Катедрата по фотографија на Интернационалниот Универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „Here’s the artist“ (Скопје – Загреб – Единбург, 2021), „All girls festival“ (Скопје, 2019), „F8“ (Скопје, 2019), „Идентитет“ (Дортмунд – Скопје, 2018), „Rovinj photo days“ (Ровињ – Загреб, 2018), „Фото Софија 13“ (Загреб, 2018), „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости“ (Кавадарци, 2014, 2017, 2019, 2020 и 2021), „Фестивал за урбана култура Мурал“ (Скопје, 2019), „Скопје Креатива“ (Скопје, 2017), „Времеграфии“ (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија“ (Скопје, 2018), „Влажен колодиумски процес“ (Скопје, 2018), „Photo Video Applied Skills“ (Баиле Туснад, 2016) и „Фотон“ (Кавадарци, 2013).
Изложбата ќе биде отворена до 30 октомври 2023.