Магистер доцент Ѓорѓи Цуцковски, оперски пејач, првенец на Операта при Националната опера и балет (НОБ), е новиот директор на НУ „Охридско лето”. Тој доаѓа на местото на Анита Алоска која беше на функцијата в.д. директор измнативе три месеци.
Цуцковски на македонската јавност ѝ е познат по својата богата интернационална кариера којашто вклучува претставување на македонската култура во САД, Кореја, Индонезија, Јапонија, Кина и ширум Европа. Освен како истакнат македонски уметник има дадено особен придонес за македонската култура и како пoранешен уметнички директор на Македонската опера и музички селектор на Фестивалот „Охридско лето”.
-„Охридско лето” за мене претставува бисер на македонската култура и на културниот идентитет на Македонија. Со особена чест и задоволство стапувам на позицијата директор на НУ „Охридско лето” со надеж дека ќе ја продолжиме долгата и богата традиција на успешни и спектакуларни настани, на најголемите светски уметнички имиња и дека Фестивалот ќе продолжи да ја негува богатата традиција од 64 години, вели Цуцковски.