Oперата „Набуко“ на 11 ноември на сцената на Националната опера и балет

Oперата-„Набуко-на-11-ноември-на-сцената-на-Националната-опера.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 11 ноември со почеток во 20.00 часот. Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.


Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи гостинката од Србија, сопранот Сања Керкез, добитничка на голем број награди и признанија меѓу кои годишната награда на Народниот театар во Белград за уметничко достигнување за нејзините улоги во оперите „Лучија од Ламермур“, „Травијата“ и „Риголето“. Благој Нацоски ќе настапи како Исмаил, Ирена Кавкалевска ќе ја игра Фенена, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Борко Биџовски, Ана Ројдева Талевска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .

„Набуко“ е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK