Со спектакуларна изведба на кантатата Кармина Бурана од германскиот композитор Карл Орф, Оркестарот на Македонска филхармонија ја заокружи концертната сезона „Без филтер“.
Во проектот учествуваа повеќе од 200 уметници, меѓу кои музичари од Македонската филхармонија, Софиска филхармонија и Државен симфониски оркестар на Солун, како и хорот на Македонска опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот на Музичкото училиште од Солун.
Под диригентската палка на Најден Тодоров, настапија и солистите Ана Дурловски, Николас Спанос и Иво Јорданов, чија изведба беше поздравена со долготрајни аплаузи од публиката.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека под скопското небо „Кармина Бурана“ заживеала во сиот свој сјај и станала „бугарско-грчко-македонски триумф на уметноста“. Според неа, заедничката изведба на трите оркестри создала звучен раскош што допрел до илјадниците присутни и гледачи пред екраните.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека настанот уште еднаш ја потврдил моќта на културата да поврзува, обединува и гради мостови меѓу народите. Тој нагласи дека ваквите проекти се значајна потврда за потенцијалот на регионалната и меѓународната културна соработка и им честиташе на сите учесници и организатори за успешно реализираниот концерт.