Во Корча, Албанија се одржа 5-то издание на Балканскиот фолклорен фестивал „Духот на Балканот“ што донесе прекрасна атмосфера со фолклорни елементи, а балканската традиција на карактеристична облека и ора обедини групи од неколку земји.
Фолклорните групи од Албанија, Косово, Македонија, Босна Херцеговина и Грција облечени во нивните национални носии, со дефилето приредија спектакл на улиците на градот Корча. Изведувајќи традиционални ора и песни тие го претворија плоштадот кај стариот пазар во Корча, во центарот во балканскиот дух, јави весникот „Илинден”.
Во театарот „Андон Зако Чајупи” извонреден настап имаше КУД „Илинден” од Битола, чии членови настапија со сплет на македонски ора од повеќе области на Македонија, за што добија бурни аплаузи од публиката.
За одличниот настап КУД „Илинден” ја освои наградата „Највисоко уметничко ниво” (High artistic level).
– Со изведби на ора и песни од целиот Балкан, домашните и странските уметници се здружија за да ја пренесат богатата култура и традиција. Го промовираа своето традиционално наследство на еден фестивал, каде натпреварувањето на фолклорните групи останува колку симболично толку и стимулативно за уметниците, изјавила директорката на културниот центар на Корча, Блерта Балиу.
Според неа, балканскиот дух има за цел да ја обедини уметноста на целиот Балкан затоа што сме толку слични едни на други.