Инди-рок бендот Милко продолжува со издавање нови материјали и по долгата пауза најавува концерт. Овој четврток, 7ми ноември во 21.00 часот Милко ќе ги видиме во „Котур“.
Новоиздадениот сингл „Оловен војник“, е втората објава по минатомесечниот „Тажен понеделник“, каде Милко одат во едно игриво и динамично издание.
„Се работи за песна во која се огледа големото искуство на бендот, надополнето со модерен, свеж музички израз и звук. Несомнено, потенцијален есенски раздвижувач во етерот“, велат од независната издавачка куќа „Шарла“ (Sharla), под чија закрила е издадена песната.
И овој сингл е снимен во студио Алшар, во период мај-јуни 2024 година. Текстот и музиката се на Сашо Митревски, аранжманот е на Милко, продуцент е Ивица Јанкуловски. Покрај Сашо Митревски на гитара и вокал, Филип Поповски свири бас гитара, Стефан Терпини – тапани.
Милко е познато скопско инди-рок трио, чија музика е инспирирана од британската независна музичка сцена од 80тите и 90тите години на минатиот век и се карактеризира со изразито елегантен звук и топли, ангажирани и длабоко емотивни тонови. Триото е доследно на својот автентичен и препознатлив звук веќе 16 години. Постојат од 2008 година, а во истата формација досега реализираа три албумски и две ЕР изданија.
„Оловен војник“ може да се преслуша на линкот.