„Меѓу светови“ – мултимедијална изложба на Воскресија Андреевска


megu-svetovi-izlozba.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 17 септември, четврток, во 20:00 часот, во Националната галерија на Македонија – Мала Станица, ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на визуелната уметница Воскресија Андреевска.


„Меѓу светови“ населува простор во кој времето забавува, простор помеѓу природата и човекот, помеѓу видливото и невидливото, помеѓу светот што постои околу нас и оној што го носиме во себе.

Од скриеното катче на творење, Андреевска создава сопствен визуелен свет преку спој од ликовни дела, инсталации и поезија, инспирирана од природата, водата, трските, пејзажите и тишината на просторот што ја опкружува. Природата во нејзината работа не е само мотив или пејзаж — таа е место на сеќавање, припадност, игра и враќање кон себе.

Изложбата е замислена како необично доживување, во кое преку флуоресцентни бои и специфична светлинска игра, просторот се трансформира и отвора поинаква перцепција на видливото. Посетителот не останува само набљудувач, туку е поканет да стане дел од тие светови, да ги почувствува и да ги доживее одвнатре.

Покрај личната и естетската димензија, изложбата носи и суптилен, но длабок еколошки и емотивен одглас. Таа го поставува прашањето за односот кон природните пространства што исчезнуваат пред нашите очи — пресечените трски, изменетите брегови и присвојувањето на она им припаѓа на сите. Светот што го познаваме се менува. „Меѓу светови“ не е само потсетник за убавината на природата, туку поставува и едно подлабоко прашање — што губиме во себе кога го уништуваме светот околу нас? Можеби светот што го гледаме пред нас и не е толку различен од светот што го носиме во себе.

Проектот е реализиран со делумна поддршка од Министерството за култура и туризам и Град Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK