Мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“ на 15-иот „МакеДокс“ се одржа на 18 август во „Лабораториум“. Филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со присутните споделија како се запознале, зборуваа за својата заедничка љубов, соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики.
По дипломирањето фотографија и визуелна уметност, Инеке Смитс студирала филмска режија и пишување сценарио на Националната школа за филм и телевизија во Англија, каде што и магистрирала во 1994 година. Во периодот од 1998 до 2019 година, Инеке ќе напише и режира седум успешни документарци, а на мастеркласот потсети на дел од нив, меѓу кои беше и филмот „Мамичката на Путин“. Живее и работи во Холандија и во Грузија како продуцентка во компанијата за филмска продукција „Нуши филмс“ со седиште во Тбилиси.
Јероен Стаут дипломирал политички науки на Универзитетот во Амстердам во 1993 година. Ја отпочнал својата кариера како новинар и филмски критичар на Холандскиот национален радиодифузер НТР во Радио 1. Истовремено остварил неколку радиодокументарци за НТР и радиостаницата ВПРО. Во последниве години, Јероен се остручува во областа на радиодрамата, звучните тури и инсталации и во снимањето звуци за филм. На мастеркласот тој многу пластично објасни што значи снимањето звук, значењето на архивираните звуци и можностите за пренесување звук на големи далечини. Тој направи паралела на времето кога биле измислени телеграфот и радиото со нашето време.
Појавата на радиото како алатка за пренос на звук на големи далечини пред околу 120 години не било само нов технички изум, туку претставувало сосема нова фаза во технолошкиот развој на човековата цивилизација, воопшто. Влијанието на радиото врз луѓето е значајно и ден-денес, иако новата технолошка фаза од појавата на Интернетот и социјалните медиуми многу го промени односот и можностите за пренос на звук во денешното време. Тој посочи дека старите технологии изумираат, но и дека останува посветен на својата прва љубов. Во текот на мастеркласот беа прикажани повеќе инсерти од досегашните филмски и радиопроекти на Инеке Смитс и Јероен Стаут.
На платото пред Музеј на Македонија, на 18 август, беше прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева. Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето. Режисерката Марија Џиџева и главниот протагонист Шабан Сејдиу пред публиката на „МакеДокс“ истакнаа дека се задоволни од финалниот резултат претставен преку краткиот документарен филм „Сјајот на ѕвездата“. Борачот и тренер Сејдиу истакна дека до олимписки норми се стигнува само со многу труд, тренинзи и целосна посветеност на спортот, но беше изненаден што за потребите на филмот многу тешко успевале да стигнат до архивски снимки од неговите четири Олимписки игри на кои настапувал, а за некои воопшто немало документација. Продуцент на филмот е Александар Трајковски, а копродуцент е „Шарада филм“.
Во објектот Сули ан, на 18 август, беа прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ. Младите авторки претставија различни тематски преокупации во своите остварувања. Филмот „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева следи дел од активностите на кореографката Катарина Камара, која е вклучена во социјален проект за рехабилитација на затворениците преку давање часови по современ танц. Филмот „Во минување“ на Луција Бркиќ прикажува еден работен ден на активистката за човекови права Тинка во Риека, која им помага на мигранти од Блискиот Исток да го продолжат својот пат кон Западна Европа. Со „Животот на даската“ на Леона Јариќ се прикажани бескомпромисната љубов и посветеност на младиот Тими кон скејтањето. Целата смисла на животот во неговиот младешки период е фокусирана на скејтбордот и возбудата што ја дава играта со него.
Меѓу филмските наслови што ќе бидат прикажани на 20 август посочуваме на документарниот филм „Градина“, а проекцијата е на Плато пред Музеј на Македонија, во терминот од 20.30 часот. По триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар, последните герила-градинари во Скопје се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште. Сценариото и режијата се на Бојан Тантуровски, снимател е Кирил Шентевски, монтажата е на Горан Вукиќ, звукот го сними Марко Наумовски, а филмот е реализиран од „ОХО Продукција“.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), на Фејсбук, Инстаграм, дневните видеохроники се на профилот на „МакеДокс“ на Ју тјуб, а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.