Концерт на пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева во Филхармонија

koncert
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во камерната сала на Филхармонија вечер ќе се одржи концертот „Фидан“ на кој ќе настапат пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева. На програмата се дела за две пијана и четирирачно пијано од Бах/Куртаг, Сен-Санс, Рахмањинов, Сен-Санс/Дебиси, Пјацола и Мијо.

Како што најавија од Филхармонија, рециталот почнува со Кантата бр. 106 на Бах и продолжува со „Six Morceaux“ на Рахмањинов, збирка извонредни парчиња за четирирачно пијано. Следува „Adios Nonino“ од Пјацола, а мелодијата продолжува да го обликува својот пат низ пасажите на „Danse Macabre“ од Сен-Санс и транскрипцијата на Дебиси за две пијана на „Introduction et Rondo capriccioso“ од Сен-Санс.


Во програмата е вклучена и изведбата на фантастичната композиција „Scaramouche“ од Дариус Мијо. Со трите ставови на „Scaramouche“, секој со свој посебен карактер, публиката ќе има можност да ја доживее интригантната енергија на првиот став до нежните и интроспективни мелодии на вториот и конечно да кулминира во раскошното финале нареченo „Бразилеира“, наведува Филхармонијата.

Пијанистката Мимоза Ќека се истакнува како рециталист и камерен музичар со своите концерти во земјата и странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, a во 2021 година се стекнува со титулата доктор по музичка уметност. Настапува во многу европски градови вклучувајќи ги Париз, Рим, Бристол, Милано, Трст, Сиена, Прага… Во 2022 го објавува соло албумот „Non-Fungible“ и одржува солистички рецитал во „Gallery MC“ во Њујорк, САД.

Јована Трајчева своето основно музичко образование го завршува во класата на реномираниот педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј”. Во 2015 година дипломира, a во 2017 магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова. Бележи успешни настапи на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Musica Viva“, „Есенски музички свечености“. Одржала повеќе солистички рецитали во градови низ земјата, а како позначаен е посочен рециталот во црквата „Св. Софија“ во Охрид 2017 година. Пијанистката Трајчева настапувала на фестивали во Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, а настапува и со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Јована Трајчева е наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK