Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска од 18 часот ќе биде одржан концерт „2+1“ на музичкото трио составено од Стојан Димов (кларинет/саксофон), Нинослав Димов (саксофон) и Маја Поповиќ-Караиванова (пијано), кои ќе изведат дела од Пит Свертс, Антонино Паскуљи, Бела Ковач, Феликс Менделсон, Педро Итуралде.
Стојан Димов од 1980 до 1995 е соло кларинет на Македонската филхармонија, а во исто време е и член на Биг бендот при МРТ. Од 2002 година е член на групата на Горан Бреговиќ.
Преку годините бележи многубројни рецитали, солистички настапи со најпознатите светски оркестри, соработка со најдобрите диригенти, и многу настапи во разни камерни ансамбли.
Пијанистката Маја Поповиќ како солист и камерен музичар настапувала на голем број фестивали во земјава и во странство, носител е на повеќе награди, а работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј ” – Скопје.
Од 2018 до 2019 била претседател на Управниот одбор на Филхармонијата, а сега и член на Одборот. Од 2012 година соработува со саксофонистот Нинослав Димов, со кого има голем број рецитали.
Нинослав Димов во Берлин 2006 завршил студии по саксофон и продолжил со специјализација „Konzertexamen”. Добитник е на повеќе награди, учествувал на меѓународни семинари по саксофон. Бил водач на саксофон квартетот „Димов”, свирел концерти со Berliner Saxophon Quartett и е член и коосновач на „Bensmann Saxophon Quartett”, со кој имал повеќе настапи во Европа, САД и Кина.
Од 2017 година го организира Меѓународниот фестивал по кларинет и саксофон „SaxClar” во Скопје и е негов уметнички директор. Димов е редовен професор по саксофон и камерна музика на ФМУ – Скопје.