Ленче Делова – актерката со која пораснаа генерации гледачи и која остави длабока трага во македонскиот театар и телевизија, почина вчера на 15.02.
Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова својата актерска кариера ја започнала на само 16 години во Драмскиот младинско-детски театар, денешен Драмски театар – Скопје. Од 1970 година станува редовна членка на ансамблот, останувајќи му верна на театарот сè до пензионирањето во 2013 година.
Во текот на својата богата кариера освои бројни признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, како и престижната награда „13 Октомври“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ во 1978 година.
Нејзиниот сценски опус е обемен и разновиден. Публиката ќе ја памети по улогите во претставите „Дундо Марое“, „Ништо“, „Егор Буличов и другите“, „Хамлет“, „Рибарски караници“, „Солунски патрдии“, „Виктор или деца на власт“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Игранка во времето на Лунаса“ и „Ни ќар, ни зијан“.
Но за многумина, Ленче Делова беше најпрво – ликот од детските телевизиски серии со кои растеа цели генерации. „Ајде да се дружиме“, „Чук-чук, Стојанче“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни, како и ТВ-драмите „Илинка“, „Илинден“ и „Од денес за утре“, се само дел од остварувањата што ја направија блиска и сакана во домовите низ Македонија.
Со својот специфичен и автентичен сценски сензибилитет, Делова остави траен белег и во ТВ-драмите, радио драмите, сериите. Нејзиниот лик останува дел од колективната меморија – како топол глас, како мајчинска фигура, како присуство што нè учеше на емпатија и игра.
Илустрација: Горан Марковски (Фб страна: Ѓорѓи Колозов)