„кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ – изложба на фанзини со проза и поезија од млади

Фото_ Анабела Ал Аббаси
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, Румена и Дездемона беа само дел од книжевните ликови, гости на книжевниот бал и изложба „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, визуелно креирани со природна или вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули.

 


Изложбата беше отворена на 22 септември, петок, во рамки на Маалски фестивал, во Културно-социјалниот простор Центар Јадро.

 

На изложбата, посетителите имаа можност да ги проследат визуелизациите направени со вештачка интелигенција на кирилица, но и оригинални фанзини – неформални изданија, збир на поетски и прозни дела напишани од млади.

 

На розевата, светкава и панкерска изложба беа претставени дела напишани на работилницата за креативно пишување за млади, исто така насловена „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска.

 

Под името „Дума ин Сума“, Смилевска и Бошковска, на 14 и 15 септември ја одржаа работилницата за креативно пишување – „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, како продолжување на претходната работилница за креативно пишување за млади – „Пиши – бриши… Само не оставај на seen“, која се одржа на 5 и 6 јуни.

 

На втората работилница, учесниците имаа можност да го оживеат својот замислен книжевен лик со употреба кирилица и вештачка интелигенција, а потоа да напишат кратка фикција или поезија за изработените ликови.

 

„Дума ин Сума“ во соработка со младите уметници Дарко Алексовски и Јован Јосифовски, им овозможија на учесниците од своите слики и текстови да создадат оригинални мали книгички (фанзини), преку сечење, лепење, цртање и колажирање.

Мала книгичка, или фанзин е неофицијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за алтернативно споделување идеи и креативно изразување.

 

„Вештачката интелигенција е одлична дигитална алатка за брзо оживување на фантазијата. Овој пат, беше досетливо искористена за оживување на замислени (к)нижевни (ЛИК)ови, чии приказни може да се прочитаат во мали книгички (фанзини). „Направи сам“ пристапот при создавање на фанзини, дозволува авторите да избегаат од рамката на комерцијалното издаваштво, како и излитената дигитална блогосфера. Оттаму и мотото – сподели кирилица“, велат од „Дума ин Сума“.

 

Од „Дума ин сума“ истакнуваат дека на работилницата, преку користењето на дигитални алатки, младите имале можност да се вратат на „аналогното“ создавање.

 

На книжевниот бал, за музиката и гужвата на подиум виновни беа диџеите Горан Костовски (Индог) и Мартина Пенева.

 

Дводневната работилница за креативно пишување за млади „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на

кирилица“.

 

Маалски фестивал е под покровителство на Асоцијација Јадро, Општина Центар и Министерство за култура.

 

Фотографии: Анабела Ал Аббаси, Бојан Шашевски, Општина Центар

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK