Јубилејното 15. издание на „МакеДокс“ заврши на 22 август, беа доделени неколку награди

thumbnail_Makedox-2024-Nagradi-01.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Јубилејното 15. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ заврши на 22 август со објава и доделување на наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за најдобри етички идеи. На последната вечер се одржа и македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Патување пеш“ („The Walk“) на македонската режисерка Тамара Котевска, а по проекцијата се одржа уникатен концерт со музика од филмот во изведба на пијанистот и композитор Дуке Бојаџиев и неговиот ансамбл.


Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм беше во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. Наградата ја доби документарниот филм „Агент на среќата“ на Доротја Зурбо и Арун Бхатараи.

– Наградата „Кромид“ ја доделуваме на еден редок филм кој на возбудлив начин ги комбинира личното и политичкото предизвикувајќи моќни ефекти. Лесно се поврзуваме со главниот јунак благодарение на природата на неговата ситуација, и неговата особено допадлива личност која со љубов е прикажана на начин кој речиси потсетува на лик од фиктивен филм. Токму тоа е она што ја претвора навидум локалната приказна во универзална. Режисерите им посветуваат на страничните протагонисти неочекувано внимание кое изненадува позитивно и го проширува и продлабочува опсегот на филмот, откривајќи ја темната страна на оваа убаво снимена и паметно измонтирана филмска приказна – образложи жирито.

Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Молкот на разумот“ на филмската авторка Кумјана Новакова.

– Решивме да дадеме посебно признание на филмот кој во никој случај не е послаб од главниот победник, но имаше фантастичен фестивалски тек со многу награди, а сега го слави своето импресивно фестивалско патување овде во Скопје. Исто така, моравме да споменеме едно толку моќно филмско дело со револуционерна употреба на архива, каде што недостатоците на снимката се претвораат во предности. Концептот и контекстот во кои филмот ја раскажува поразителната и неверојатно важна приказна се создадени низ прецизна и извонредна монтажа. Делумно како политичка и историска археологија, но и како истражување на длабоко лични рани, филмот им дава глас на жените кои претрпеле незамисливи ужаси – објасни жирито.

За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучуваше комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. Наградата ја доби „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис.

– Решивме да наградиме филм кој ни дава увид во подземниот свет за кој досега не сме слушнале, а преку уникатниот пристап на режисерот ја добивме привилегијата да влеземе во животот на протагонистите. Портрет на тоа како обичните луѓе ја гледаат и ценат уметноста и ја слават радоста на животот со сите свои борби. Филмот одржува силен ритам и тек на раскажувањето, а наративот ве држи залепени за екранот, чекајќи да полета последниот џиновски балон – образложи жирито.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм беше во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди, а наградата ја доби францускиот документарец „Диви“ на Леонор Мерсиер со образложение: „Овој филм прекрасно ја доловува суровоста на традицијата преку гледиштата и стравот на засегнатите. Приказната се развива чекор по чекор, преку добро изработени кинематографски средства, и по слика и по звук.“

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучуваше комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Наградата ја доби „Алое, фикус, авокадо и шест драцени“ на Марта Смеречинска.

– Филмот на Марта Смеречинска ги кани гледачите да размислуваат што им се случува на материјалните нешта кои ги поседуваме, кога се селиме од точка А до точка Б. Нашето постоење е често кондензирано во кутии полни со вредни предмети, но овие материјални архиви подобро ќе ги разбереме преку нашите основни вредности и влијанието кое го имаме врз другите околу нас. Копањето низ нашите емоции низ времето е важно интроспективно искуство кое ни дозволува да се подумаме за постојаната промена низ која сите проаѓаме, без разлика на тоа каде се нашите корени – стои во образложението на жирито за наградата „Кокарче“.

Одлуката за Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „МакеДокс“ ја донесе комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска.

– Жирито кое ја доделува Наградата за најдобри етички идеи го избра „Кикс“ на Давид Микулан и Балин Ревез како најдобар филм. Зошто? Бидејќи „Кикс“ е фантастичен филм во генералната филмска смисла. Почнува со анти-драматургија и стотици резови во првите минути, уловувајќи ја уличната атмосфера. Улицата е претставена преку начините на кои функционираат и реагираат мозокот и телото – со 100 асоцијации и спонтани чувства. Голем број на отпадници се наоѓаат во непосредното истражување на градот, како и главниот протагонист, кој е дете кое камерата го следи 12 години. Го избравме филмот во категоријата „најдобри етички идеи“ бидејќи овој документарец ги прикажува своите протагонисти без да морализира. Протагонистот Сањи одбива да биде надвладеан од каква било моќ и не му е гајле за ништо. Филмот ги следи него и неговото семејство, прикажувајќи ја неговата убавина, сила, сомнежи и љубов. Како публика, јасно ни е дека се соочуваме со најниското ниво на прекаријат. Но филмот никогаш не го осудува тоа. Го гледаме човечкиот сон на детето, неговите надежи и борбата, кои се отворени како нашите животи. Може, но не мора, да заврши како целосна катастрофа или со криминал. Силата и моралната вредност на филмот ги вклучуваат протагонситите директно во светот во кој живееме и за кој имаме одговорност. И тоа е она што ги прави тие луѓе видливи и ги придобива назад во нашата имагинација, како луѓе кои испаднале од доминантните структури на моќ – образложи жирито.

Во рамки на индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс форум на 15. „МакеДокс“ награди добија пет проекти во развој. Проектот „Where I end and You begin“ ја доби наградата на „ДоксБарселона“, „Colors in my eye“ доби награда од „ДОК.фест Минхен“, „Breath under the sun“ освои награда од ФИПАДОЦ, проектот „Florence“ доби награда од Документарната асоцијација на Европа (ДАЕ), а „Moving Sisters“ доби награда од „Dysflims“. Насловите на проектите се на англиски јазик бидејќи тоа беше работен јазик на МакеКоПроДокс форумот.

Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ со мото „Копање емоции низ времето“ се одржа од 15 до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. На фестивалот беа прикажани 92 документарни остварувања и присуствуваа над 100 гости – филмски автори, продуценти, студенти и професионалци од светот на документарниот филм.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.

Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK