На 19 јуни (петок) со почеток во 20:00 часот, во Отворено графичко студио ќе се одржи настан што ги обединува визуелната уметност, независното издаваштво и музиката.
Публиката ќе има можност да ја посети изложбата „Морфологија на градот“ на Јелена Белиќ, која преку графики ги истражува урбаните структури и трансформации на Скопје. За изложбата пишува Максим Наумовски.
Во рамки на програмата ќе биде промовиран и фанзинот „Нештата што исчезнуваат“, заеднички проект на Скопје Колаж Колектив и Партизанска штампа, посветен на исчезнатите простори, објекти и спомени од колективната меморија на градот.
Музичкиот дел го сочинуваат настапите на Тодор Караколев, кој по двегодишна пауза се враќа со свој соло концерт, и YVA & The Toy George, проект на српската музичарка која живее во Рим, Ива Станишиќ, чија музика спојува електронски, хип-хоп и балкански влијанија во енергично и жанровски неконвенционално сценско искуство.
Настанот е во продукција на Партизанска штампа, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Центар.