На 25. ноември (понеделник) во 19:30 часот во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата ,,Лузни на издржливост, гласови на надеж” на Мартина Спасовска.
Изложбата е во рамките на настанот „Шестнаесет дена активизам против родово базирано насилство”.
Ќе бидат претставени дела кои ќе бидат глас што ја истакнува важноста на прекинување на насилството и покренувањето на клучни прашања на оваа тема.
Настанот ќе има интерактивен карактер пропратен со дискусија, прикажување на кратки видеа и документарни филмови.
Дел од рецензијата на д-р Ана Франговска: Делото на Спасовска ја нагласува нераскинливата врска помеѓу личната наративна и колективната меморија, нагласувајќи едно пошироко женско искуство обликувано од општествените притисоци и внатрешните конфликти. Елементите кои го чинат проектот ги повикуваат гледачите да ги препознаат сопствените дамки (лузни, болки) во овие „текстови“ на издржливост, концепт подвлечен од феминистичката теоретска рамка на Хелен Сиксо, која вели дека пишувањето и изразувањето мора да се движат подалеку од ограничувањето на општествените очекувања за да го истражат „телото како интегрален медиум за кажување на нечија вистина.“ Делата на Спасовска, како симболи на издржливоста, може да се гледаат како феминистички текстови сами по себе – секој од нив означуваjќи артикулација на преживување, глас што се издигнува против замолчувачкиот ефект на траумата.
Мартина Спасовска е млада визуелна уметница, дипломирана на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2023), насока сликарство. Нејзините дела вклучуваат длабоки наративи кои ги истражуваат емоционалните и социјалните состојби на човекот. Спасовска ги користи сликарството и инсталациите како медиуми за создавање на емотивно интерактивни простори, кои го предизвикуваат гледачот да се соочи со сопствената ранливост и моќ на заздравување. Нејзината практика е насочена кон отворање на прашања, предизвикување емпатија и промени во свеста кои водат до потенцијал за лична и општествена трансформација. Таа има учествувано на изложби во Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Австрија, Грција, Косово и Туркије. Самостојно се претставила со изложбите „Гласна Тишина“ (2023) во Младинскиот културен центар во Скопје и „Прегрнати лузни“ (2024) во Центарот за современи уметности во Скопје.
Кампањата се одбележува под покровителство на семејството агенции на Обединетите нации во соработка со своите партнери Делегација на Европската Унија во Северна Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, УСАИД – Агенција за меѓународен развој на САД и многу други. Целта на кампањата на глобално и регионално ниво е да ја подигне општествената свест во борбата за спречување на родово базираното насилство.