Вечерва во 19 часо во Чифте амам ќе биде отворена изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.
„Оваа изложба е проект која претставува своевидна синергија помеѓу етнологијата и ликовната уметност толкувајќи ги и разработувајќи ги етнографските елементи во овие уметнички дела создадeни кон крајот на 19 и првата половина на 20 век. 52 дела од колекцијата на галеријата ќе бидат изложени, дел од нив не многу познати и изложувани пред пошироката јавност. Во импозантниот Чифте амам, публиката ќе може да проследи дела од истакнати македонски и балкански автори кои твореле инспирирани од животот во Македонија во едни други поразлични времиња. Самиот објект дава една друга димензија, делата да ги почувствувате во автентична атмосфера и да ви доближи едно друго време“, се вели во најавата за изложбата.
За значењето на македонската култура и убавината на земјата како извор на инспирација за уметниците, Личеноски ќе истакне: „Кога одново дојдов во допир со мојот роден крај, кога возбуден застанав пред нашиов полн со бои прекрасен македонски пејзаж, кога добро и сериозно се загледав во нашето монументално средновековно ѕидно сликарство и во нашиов богат и ликовно многу интересен фолклор, тогаш мојот уметнички свет стана Македонија… “
„ „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ претставува обид за ново читање на дел од најзначајните творби на македонската модерна уметност преку интердисциплинарна перспектива која ги поврзува историјата на уметноста и етнологијата. Во фокусот е визуелната репрезентација на традиционалната култура, нејзината трансформација во уметнички мотив и улогата во формирањето на современиот културен идентитет.
Колекцијата на Националната галерија содржи бројни дела на уметници од првите генерации на македонската модерна уметност кои во своето творештво се свртуваат кон секојдневниот живот, селската економија, архитектурата, пазарите, народните носии и етничката разновидност на општеството. Овие мотиви не се случајни, туку резултат на културниот и интелектуалниот контекст во кој се формира македонската модерна уметност во првата половина на дваесеттиот век, период во кој традицијата и фолклорот се препознаваат како клучни носители на културната меморија.
Уметниците како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов и Вангел Коџоман, како дел од првата генерација академски образувани македонски сликари, создаваат специфичен визуелен јазик во кој локалната култура се претвора во уметнички израз. Нивните композиции со селски пејзажи, сцени од жетва, бачила, пазарни сцени и портрети на луѓе од различни етнички заедници не се само естетски интерпретации, туку и вредни визуелни сведоштва за традиционалниот начин на живот.
Изложбата го третира уметничкото дело како своевиден етнографски документ. Иако создадени во рамките на уметничкиот дискурс, овие дела содржат информации за материјалната култура – архитектурата на старите македонски градови и села, типологијата на народните носии, алатките на земјоделската работа, како и ритуалите и обичаите поврзани со традиционалниот календар. Преку внимателно набљудување на овие детали, уметничките композиции можат да се читаат како визуелни архиви на културното наследство…“
Александар Ристевски, кустос етнолог
„Во рамките на изложбата се презентирани селектирани дела од повеќе автори од колекцијата на Националната галерија на Македонија, кои тематски ги обработуваат етнографските елементи. Анализата на нивните стилски карактеристики открива изразен диверзитет во творечкиот израз, кој се манифестира преку присуството на повеќе уметнички правци и стилски ориентации. Хронолошки, делата датираат од крајот на XIX до средината на XX век. Во таа смисла, изложбата опфаќа творби како од Димитар Андонов – Папрадишки, Ѓорѓи Јаков Зографски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, така и од низа други уметници кои оставиле траен белег во македонската историја на уметност…“
М-р Владимир Таневски, кустос
Автор на проектот „Етнoграфија во делата од колекцијата на Националната галерија“ е Александар Ристевски, кустос-етнолог, а соработник м-р Владимир Таневски, кустос-историчар на уметност во Одделението за депо и документација, во Националната галерија на Република Северна Македонија.
Изложбата „Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија“ ќе биде поставена до 3 мај 2026 година.