Игор Ангелов прави список на „Сите најубави нешта”

640x420
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерата на монодрамата „Сите најубави нешта” работена според мотиви на Данкан МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на популарниот македонски актер Игор Ангелов закажана е на 1 октомври во Центар – Јадро.

Оригиналниот наслов на монодрамата е „Every Brilliant Thing“ , а приказната е за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот како возрасни. Заснована на вистинити и невистинити случки, оваа монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување.


„Се работи за посебно интимно театарско искуство во кое публиката добива задачи и е активно вклучена од моментот на влегување во просторот за изведба. За време на „Сите најубави нешта” гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот. Од претставата излегувате со чувство на благодарност и олеснување. Вистинска катарза.“, вели Игор Ангелов.

Претставата доби прва награда од публика на 25. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама што се одржа 21-25 мај 2024 во Битола.

Влезниците за премиерата се веќе распродадени, а следните изведби се закажани на 4 /14 / 29 октомври во Центар – Јадро со почеток во 20.30 часот и влезниците за нив се достапни преку мкtickets. Наскоро се очекува да бидат закажани изведби и во други градови низ Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK