Град Скопје е избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Богатата програма под слоганот „Култура над поделба“ со која Скопје се претстави пред ЕУ го освои срцето на Европа. Одлуката беше соопштена во Куќата на европската историја во Брисел, по вчерашното претставување на програмите на двата финалисти Скопје и Будва, Црна Гора.
– Тимот посветено работеше на културна промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028. Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините кои следат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста . Нашата визија која победи денес ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со еко-практики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат 365 дена во Скопје. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028 – истакна градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, по соопштувањето на одлуката.
Целта на оваа иницијатива на Европската унија е да им овозможи на жителите на Европа да учествуваат активно заедно да разменат искуства за културата, да се создадат нови партнерства и да се нагласи улогата која ја има културата во развојот на градовите.
Кандидатурата за престижната титула Европска престолнина на културата 2028 за Скопје претставуваше сложен процес кој се одвиваше повеќе години и во кој се вклучија градските и државните културни институции, многу активни чинители од областа на културата и експерти. Во оваа мисија Град Скопје доби поддршка од Министерката за култура Бисера Костадиновска, Владата, Претседателот Пендаровски и други државни институции, а кон постигнување на нашата цел поддршка добивме од голем број европски градови и нивните култуни институции.