Општина Карпош официјално го започна 17. издание на традиционалната културна манифестација „Карпошово културно лето“, која и оваа година ќе понуди богата и разновидна културна програма за граѓаните. Првиот ден од манифестацијата беше посветен на уметноста и културното творештво.
Во рамки на отворањето беше организирана изложба на постери и плакати од театарските претстави на великанот на македонската драматургија, Горан Стефановски. На настанот присуствуваше неговиот син, а изложбата претставува достојна почит кон авторот чие богато творештво остави траен белег во македонската култура, велат од Општината.
Во текот на денот започна и патувачката изложба ReArt, поставена во Сити Мол, која преку современи уметнички изрази носи нова креативна енергија и ја доближува уметноста до пошироката јавност. Со овие два значајни културни настани започна овогодишното издание на „Карпошовото културно лето“, кое и во наредниот период ќе понуди низа содржини од областа на културата и уметноста.