Flowers Symphony се враќа во Македонската филхармонија на 16 ноември, но не како повторување на концертот што публиката веќе го виде. Второто издание носи нова програма, нови композиции, нови сценски моменти и уште побогато симфониско доживување.
Минатогодишниот Flowers Symphony остана запаметен по силната емоција, впечатливите вокални изведби и по моментите во кои концертот излезе надвор од рамките на класичната концертна форма. Особено силни реакции и овации од публиката предизвикаа изведбите на „O Sole Mio“ и „Time to Say Goodbye“, кои прераснаа во едни од највпечатливите моменти на вечерта.
Но еден од најпрепознатливите моменти беше поврзан токму со симболот на Flowers Symphony – цвеќињата.
Во текот на концертот, диригентот Владимир Димовски лично делеше цвеќиња на публиката, гест по кој тој е препознатлив веќе околу една деценија на концертите „Виена во Битола“. Овојпат, истиот препознатлив знак стана дел и од Flowers Symphony, сосема природно вклопен во концептот на концертот и неговата цветна приказна.
Моментот беше проследен со овации и уште еднаш покажа дека Flowers Symphony не се гради само преку музиката, туку и преку непосредната комуникација со публиката и деталите што создаваат лично концертно доживување. Токму на таа идеја продолжува да се развива и второто издание. За Flowers Symphony 2, Владимир Димовски повторно подготвува ново изненадување.
Какво ќе биде – засега останува тајна.
Но публиката која ги следи концертите на Оркестар DIVA (Битолски Камерен Оркестар) веќе знае дека токму неочекуваните моменти се дел од нивниот препознатлив сценски потпис. Наместо концерт што се повторува по ист шаблон, секое ново издание носи нов детал, нова емоција и нешто што може да се доживее само во салата.
Flowers Symphony 2 не е реприза на минатогодишниот концерт. Програмата е обновена со нови композиции, нови аранжмани и нови музички моменти. Меѓу композициите кои за првпат ќе бидат дел од Flowers Symphony се:
„Now We Are Free“ од филмот Gladiator и „The Ecstasy of Gold“ од The Good, the Bad and the Ugly. Тие ќе се надоврзат на италијанските арии, канцони и големите теми од филмската музика кои го создаваат препознатливиот карактер на проектот.
На сцената повторно ќе настапат солистките Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, а за првпат во Flowers Symphony како гости ќе настапат и Наде Талевска и Билјана Талевска.
Заедно со нив ќе настапат Оркестар DIVA и хор, под диригентската палка на Владимир Димовски, создавајќи голема вокално-симфониска поставеност во која различните гласови, оркестарот и сцената функционираат како една целина.
Билетите се во продажба.