Со македонската премира на долгометражниот игран филм на Вардан Тозија – „М“, в четврок во паркот на МКЦ во Скопје ќе биде отворено 22. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, а наредниот вторник, на 18 јули фестивалот ќе го затвори премиерата на уште еден македонски филм – „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски.
Во шесте фестивалски денови, од 13 до 18 јули, под слоганот „Муви најт“ ќе може да се погледнат повеќе од 40 филмски наслови од најновата европска филмска продукција, кратки филмови, ќе присуствуваат над 50 гости, ќе има три музички настани, а ќе се одржат и седум работилници. Новитет оваа година е Жирито на филмската критика, со очекување следната година да биде официјално акредитирано ФИПРЕСЦИ жири.
Маргарита Арсова, програмски координатор на Синедејс, на денешната прес – конференција нагласи дека иако овој дведецениски квалитетен меѓународен филмски фестивал, годинава е со исклучително намален буџет, сепак професионалноста и ентузијазмот на тимот на МКЦ подготвиле одлична програма со која не отстапува од своите високи фестивалски амбиции.
– Програмата и на овој CINEDAYS е ремек-дело со филмска програма, која повторно директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа. Имаме прекрасна програма во официјалната селекција и во селекцијата Сине Балкан со млади и надежни европски режисери и со гости од филмовите. Ќе имаме тркалезна маса по повод проблемите со кои што се соочуваме како држава во однос на кинодистрибуцијата и недостигот на киносали, да видиме каде сме, за да може целата оваа наша работа да има некаков контекст и некаква иднина, затоа што имаме повеќе кинофестивали од киносали во државава, вели Арсова.
На прес – конференцијата присуствуваше и авторската екипа на долгометражниот игран филм „М“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус филмс“, кој го отвора фестивалот. Овој филм својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, во рамки на маркетот за филмски професионалци и на Берлинскиот филмски фестивал, а по македонската премиера за отворањето на Синедејс, од септември филмот го започнува својот киноприкажувачки и фестивалски живот.
-Филмот „М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, кој живее со верување за заштитничките моќи на својата магична шума, не знаејќи за постоењето на светот надвор од неа. И покрај контролата на неговиот строг татко, детската љубопитност го води до преминување на границите, изјави режисерот Тозија.
Тој посочи дека филмот е снимен пред три години, но поради бројните предизвици, дури сега се случува неговата премиера.
Инаку, и годинава натпреварувачката програма на Синедејс е во селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции во рамки на Официјалната селекција, Гала програмата, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер.
-Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компактната програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет, истакна програмската координаторка Арсова.
Заради намалениот буџет оваа година програмата ќе може да се проследи на две локации – во МКЦ и тоа во Кино Фросина, во МКЦ – паркот и во Џебното кино, како и во Кинотеката со проекции на отворено и на затворено.
На 22-то издание на Синедејс најавени се мастерклас на Митко Панов и прикажување на филмот „Сведок“, како и дополнителни два мастеркласа, на Јуре Матичич, програмски раководител на „Местни кино Домжале“ Словенија и гуруто за презентација и ‘пакување на филмови Габриеле Бруненмајер, која работи како независен консултант за Мидпоинт институтот.
Од работилниците – првата е именувана како „Self-Tape и онлајн-кастинг во дигиталната ера“, а ќе ја држи Луси Ленокс, наградувана кастинг-директорка. Втората работилница е „Основи на филмскиот јазик“, наменета за деца до 15 години, која ќе ја води Саша Станишиќ, дипломиран филмски и тв-режисер.
Во рамки на музичката програма на фестивалот предвидени се концерт на скопскиот бенд Културно-уметнички работници, кој неодамна го издаде својот седми албум, потоа Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд Визељ.
Билетите за Синедејс ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.
Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, ЕУ за ТЕБЕ, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и неколку компании