Младинскиот градски филхармониски оркестар на грчката општина Амфилохија, предводен од виртуозниот маестро Георгиј Цогас, одржа концерт во дворот на Бигорскиот манастир.
– Осветениот простор на нашата Свештена Обител беше украсен од присуството на триесетина млади благочестиви и уметнички души од Република Грција, кои допатуваа кај нас за поклонат на големата Бигорска светиња, но и да ни приредат едно несекојдневно и топло музичко доживување. Во таинствената прегратка на ноќта, под нежниот сјај на сребрената луна, среде ѕидовите на илјадалетното Светилиште, овие млади вљубеници во убавото и возвишеното, со души совршено вклопени во ритамот на амбиентот, ни отсвирија повеќе композиции од најпознатите современи грчки композитори на традиционална музика, информираа од Бигорскиот манастир. Додаваат дека во тие инспиративни мигови „манастирот ги прегрнуваше успокојувачките тонови на музиката, кои заедно со целокупната атмосфера создаваа едно ремек-дело кое ги надминуваше границите на времето и просторот“. – Тоа беше една музичка ноќ што допира до длабините на човечката душа, оставајќи ги сите присутни одушевени и облагородени. И додека рефлексиите на симфоничните тонови, беспрекорно склопени со нежните и префинети гласови на вокалите се врежуваа во слухот и во срцата на слушателите, меѓу кои имаше и монаси од Косово, громогласните аплаузи од публиката во знак на восхит и благодарност, го надополнуваа ритамот на таа благословена ноќ, нагласуваат од манастирот. Маестро Георгиј на почетокот од концертот срдечно му се заблагодарил на Преосветениот Епископ г. Партениј за укажаното топло гостопримство кон членовите на неговиот оркестар и истакнал дека за него овој настап претставува особена чест и исклучително искуство. Пред присутните се обратила и директорката на Центарот за социјален развој на општина Амфилохија, Зои Друци. Меѓу гостите бил и заменик-градоначалникот на Амфилохија, додека соработникот на градоначалникот Варела Ангелики го прочитала поздравното писмо од градоначалникот Георгиј Кацулас. – Благодариме на овие прекрасни млади души, коишто братски нè прегрнаа со својата љубов и ги одморија нашите срца со својот музички талант и уметнички шарм. Преку нив им благодариме на сите браќа во Христа од Елада и ги молиме силно да го чуваат жарот на православната вера. Да му благодариме на Бога и да се молиме, за овие духовни прегратки помеѓу нашите братски народи никогаш да не престанат, туку уште повеќе да се умножуваат и нашето пријателство да станува сè поголемо. За многу години, посакал меѓу другото во обраќањето владиката Партениј, Игумен на манастирот.