Еуроимаж наградата за меѓународни копродукции и’ се доделува на Лабина Митевска

thumbnail_European-Film-Academy_1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинешната Еуроимаж награда за меѓународни копродукции.


Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа Сестри и Брат Митевски од Скопје.

Жирито вели: „Оваа награда ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страстно посветена на европската кинематографија. Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни ко-продукции кои се гордост на фондот Еуримаж“.

Еуроимаж Наградата за меѓународни ко-продукции ја доделува Европската Филмска Академија во соработка со Еуримаж заедно со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа.

Наградата ја потврдува клучната улога на ко-продукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.

„Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта која ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајните филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија.“ – изјавија од продукцијата.

Ко-продукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински ко-продуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали Берлин, Венеција, и Кан и се наградувани и прикажувани ширум светот.

„Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу многу труд сѐ е можно. Оваа награда е уверение дека и припаѓаме на Европа кога работиме европски.“ – изјави Лабина Митевска

Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37те Европски Филмски Награди на 7 декември во Луцерн каде лично ќе ја прими доделената награда.

Церемонијата на Европските Филмски Награди е овозможена од Европската Филмска Академија и Европски Филмски Награди Продукција гГмбХ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK