Не постои македонско срце што не ќе затупка по ритамот на некоја од мелодиите од МАКЕДОНИСИМО. Честитки од Опсервер и благодариме за прекрасното дело што му го подаривте на македонскиот народ. Како настана МАКЕДОНИСИМО? Што ве поттикна на оваа безвременска убавина што ја создадовте?
Ви благодарам за интересот, вниманието, почитта, трпението и за честитките, Ви благодарам за убавите зборови за безвременска убавина.
МАКЕДОНИСИМО си тлеело со години кај мене, јас пораснав со народната музика и хармониката ми е прва љубов. Со оглед на тоа што никој во моето семејство нема претходно музичко образование, но со генерации се гаела народната музика јас секогаш верував дека таа има исклучително значење, исклучителен потенцијал доколку се обработи на еден поинаков начин, а од друга страна сите врвни класични композитори си го познавале својот фолклор и фолклорот на другите народи и го имплементирале во својот музички јазик. МАКЕДОНИСИМО го имав како замисла во главата прилично долго , но едноставно не можеше да се реализира претходно.
Кога започнав со реализација, знаев дека носам голема одговорност од цело искуство во историјата на музиката, дека огромна одговорност е секој допир на народно музичко творештво и дека тоа мора да биде изведено на исклучително врвно и професионално ниво. Дали ќе биде одредена љубовна народна мелодија или некоја што ќе биде малку поритмична којашто ќе го заигра срцето, во многу случаеви тоа ја допира публиката. Сакав да продрам малку подлабоко во нашето музичко творештво бидејќи потенцијалот е огромен и во дослух со македонскиот композитор Панде Шахов којшто живее и работи во Англија и имаме соработувано и претходно во неколку наврати, напраивме едно исклучително дело во кое јас се водам како иден водич, иницијатор, нарачател и соработник во целиот процес на создавање на делото.
Го одбрав и композиторот и екипата со којашто го остваривме музичкиот, интерпретативниот дел во тој квинтет во којшто свириме, но за сето ова да звучи како комплетен производ се консултирав со институтот за фолклор „Марко Цепенков“, и со Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“. Тие секако помогнаа со споделување на информациите кои се од исклучително значење за автентичноста и длабоките корени на македонската народна музика, којашто во овој финален производ доби едно сосема друго светло кое што кај нас не е чуено на тој начин. Во поглед на музичкиот јазик Панде Шахов се надмина себе си и убавото е тоа што ние сите тимски работевме со споделување на идеи за да дојдеме до една ваква како што ја нарекувате безвременска убавина која ја подаривме на македонскиот народ. Во секој случај јас сум горд што овој проект којшто толку долго се работеше во главата го виде денот, а се изведе пред 5 години првпат во Германија и нормално продолживаме со нови сили напред и во овие предизвикувачки времиња.
Добивте огромни и значајни пофалби од американските критичари за Македонисимо. Тие, меѓудругото, го опишаа МАКЕДОНИСИМО како рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Освен задоволството кај критичарите, како реагира публиката на Вашите настани и како Вашите колеги од странство ги прифаќаат нотите на македонската музика?
Јас и пред создавањето на МАКЕДОНИСИМО секогаш се трудев да претставам нешто од македонската музика во пократки форми и знаев дека е многу природен потег претставување на дел од државата од кaде што доаѓаш, што е многу поинтересно заради фактот што ние немаме толкава традиција во класичната музика или во одредени народни теми како што имаат некои врвни носители на класичната музичка историја во светот, зборуваме сега генерално за културите на Европските земји. Од тој аспект, она во што верував и нивото на делата што ги избирав за да ги свирам и ги претставувам на публиката, очекував дека ќе бидат позитивно прифатени од страна на луѓето од другите култури во светот кои се навикнати на малку поинаков звук од класичниот музички свет.
Очекував дека ќе биде фантастична реакцијата, јас буквално уживав во изведувањето на сите дела кои сум ги свирев надвор од границите на Македонија. Освен егзотично, тоа им е и многу привлечно и на публиката и на колегите и дополнително им претставува предизвик затоа што нашата музика изобилува со различни и несекојдневни ритми на коишто треба да обрнат малку повеќе внимание при интерпретацијата.
Секогаш кога сум можел сум вклучувал и странци кои би ми се придружиле во изведбата на едно дело и тие буквално ликувале во изведбата на овие дела колку и да им било тоа предизвикувачки и тешко, не им е свое, токму заради специфичните ритми на македонската народна музика, така што реакцијата била фантастична и освен личното задоволство кое сум го добивал од уживањето во изведувањето на музиката мислам дека сум направил и полн погодок токму заради претставувањето на она што претставува дел од мојата музичка личност и земјата од каде што доаѓам.
Потребно беше многу трпение додека се обидувавме да се справиме со состојбата која произлезе од корона пандемијата и која сите нас непријатно не изненади со тоа што немилосрдно се одрази на сечие секојдневие. Како тоа влијаеше на Вашата работа и дали потоа лесно се вративте на старото темпо со многубројни настапи надвор од границите на нашата земја?
Веднаш почнаа да се нормализираат нештата и е далеку неспоредливо подобро за разлика од 2020 година каде што во тек на една година отсвирев околу 5-6 концерти, а изгубив околу 55. Прекрасно беше чувството човек повторно да застанe на сцена пред жив народ и безразлика на сите измешани чувства да го споделува она што го има, заедно со луѓето на сцена и во салата. Мило ми е што во 2021 се случија доста концерти во Франција, во Романија, Виена, Америка, имав посета на најстариот класичен музички фестивал во Србија, во симпатичниот град Сомбор.
На покана на Габриел Бебешелеа ја отворив сезоната на македонската филхармонија и мило ми е што за време на пандемијата бев активен и што покрај немањето концерти држев огромен репертоар во раце и успеав да снимам 3 албуми. Во пандемијата излезе и МАКЕДОНИСИМО и вториот албум во тешки услови во Чешка со Јаначковата филхармонија и сите тие добија прекрасни критики.
Следуваа концерти во престижната „Тон Хале“ во Цирих, тоа значеше швајцарска премиера на МАКЕДОНИСИМО, потоа концерти со Штудгардската филхармонија, во Стразбур и Штутгард и за првпат во Киев заедно со колешката Катерина Диадура од Украина. Потоа од Јануари следеше новогодишниот концерт во Острава заедно со Јаначковата филхармонија и презентацијата/ прослава на албумот со дела на Шустакович, а и турнеја во Лондон, Париз и Њујорк, заедно со виолинистот Максим Венгеров што исклучително ме импонираше и сум пресреќен за таква чест и можност да соработувам со таков легендарен уметник како што е тој.
Кои музички дела Ви биле најпредизвикувачки за совладување во Вашата кариера?
Секое дело си има своја тежина и не мора да значи дека некое најкратко дело кое што е во бавно темпо е полесно од некое подолго коешто е со побрзо темпо. Се работи за технички и за интерпретативни предизвици коишто можат исклучително да одземат психичка енергија, така што од тој аспект не можам да издвојувам којзнае колкав број на одредени дела, сепак тоа е неблагодарна работа бидејќи јас имам професионален пристап кон апсолутно секое дело што го свирам.
Секој од тие врвни претставници на класичната музика оставил неверојатни белези со најразлични композиции, воопшто во вокално-инструменталната музика, не само во инструменталната или во пијанистичката литература. Буквално кој и да го споменам понатаму Бах, Моцарт, Хајдн, Бетовен, Шуберт, Брамс, Чајковски, Стравински, Равел, Шопен и други навистина оставиле дела кои се голем предизвик и сум имал можност да свирам најразличен репертоар кадешто сум ги почувствувал и ги чувствувам тие предизвици, но тоа мене ме инспирира и обогатува духовно и од тој аспект би можел само да кажам дека сум привилегиран.
Покрај многубројните настапи, како успевате да ја канализирате енергијата и да добиете инспирација за нови творења? Кој е Вашиот начин за опуштање по напорните денови?
Јас сум таков човек се инспирирам со фактот дека доживувам ново утро, нов ден, што имам можност за нови предизвици што имам можност да го користам животот и она што ми е пружено како подарок. Инспирацијата ја впивам од секојдневното дружење со семејството, со добрите луѓе со убава енергија и несомнено со разноликоста на емоциите, чувствата што музиката ги дава и воопшто уметноста.
Конкретно во изминатиов период имав можност да направам нова фото и аудио сесија за новиот албум што треба да излезе наредната година и самиот факт што тој албум беше голем предизвик да се сними, освен германски репертоар, се сними во исклучително тешки услови само поради иницијативата и вербата дека животот мора да тече и продолжува и дека е поубав доколку правиме добри дела. После тоа имав можност да појдам и да уживам со прекрасни луѓе едниот ден во Демир Капија, другиот во Штип со посета на уште една убава музичка театарска претстава во меѓувреме. Сакам да кажам дека го користам времето за некои нормални секојдневни човечки нешта за производство и впивање на убава енергија заедно со семејството и добри луѓе бидејќи животот е краток за да се поминува неинтелегентно и човек да се бави со небулозни работи.
Ја освоивте светската публика со Вашата маестралност и талент, но и со Вашата скромност и приземност. Дали тоа се должи на домашното воспитување и култура и колку семејството игра улога во Вашиот успех?
Точно е. Јас потекнувам од скромно семејство, пораснав во исклучително скромни услови како и многу други семејства, меѓутоа како што и Павароти има изјавено на времето: „ние имавме многу малку, но никој немаше повеќе од нас“, и тука јас се пронаоѓам себе си заради тоа што пораснав во прекрасна, топла средина со многу љубов и поддршка и не премногу семејства го имаат тој интензитет и блискост, што е многу важно за добра перцепција во животот на што помага не само домашното воспитување, туку и образованието апсолутно и од тој аспект јас секогаш сум се трудел да бидам пред се човек и да ги уважувам луѓето коишто на мене ми покажуваат почит.
Tоа е нормална човечка особина којашто не ја сметам за нешто чудно како што на тоа денес се обрнува малку повеќе внимание заради тоа што многу работи во општеството и одредени принципи се извитоперија и луѓето си ја губат својата личност, тоа претставува една деградација на семејството како заедницa, како клетка, а и воопшто на општествoто.
Дефинитивно мојот успех е и семеен успех затоа што доколку немате разбирање и мир во душата не можете да творите во било која професија, бидејќи нешто постојано ќе ве боцка и јадосува внатре и од тој аспект нема да имате мир за креирање. Иако има најразлични ситуации и не е се црно- бело или мед и млеко во животот, во одредени ситуации кога човекот е под притисок креира исклучителни творби, меѓутоа сакам да кажам дека постојаниот стремеж за некаква психичка стабилност дефинитивно е од непроценлива помош и кога тоа се случува како синергија во семејството тогаш е многу природен резултат сето останато.
Можете ли да издвоите некоја анегдота од Вашите настапи којашто Ви останала во сеќавање?
Имало многу интересни случки. Еве сега се сетив на концертот во Сан Диего. Се одвиваше на еден нов простор на отворено, симфониска школка, фантастично место каде што илјадници луѓе доаѓаат да слушаат класична музика и тоа се наоѓа на ревиерата, покрај водата и буквално само што заврши последниот акорд, брод којшто поминуваше засвири со сирената за да не поздрави. Претпоставувам дека тоа беше намерно направено и нормално сите се насмеавме, јас пак покажав еден знак со коментар дека е perfect timing.
Во Сомбор за време на настапот некоја мува се вртеше околу главата којашто малку ме извади од стабилното држење на телото на сцена и морав да замавнам, среќа што најдов комотен простор за тоа да го направам за да продолжам и повторно да ја спуштам раката.
Во Прилеп кога свирев имаше голем скакулец на сцена, бев сконцентриран да видам што ќе му текне и во кој правец ќе продолжи.
Во секој случај имало доста интересни моменти за којшто веројатно убаво би било да седнам да си ги запишам затоа што се убав спомен што сигурно ќе ми предизвикува убави чувства после доста години.
Не може а да не се почувствува љубовта и гордоста за Македонија којашто ја претставувате пред светот. Како ја знае светот нашата земја, по што сме познати, освен по Вас како маестрален виртуоз на пијано?
Сигурно е дека Македонија е една чудесна земја. Македонија ја знаат и по многу други квалитетни луѓе од најразлични професиии како медицина, спорт, уметност, дизајн, компјутерството и архитектурата, а да не зборуваме и за храната, виното, нашите исклучителни историски квалитети за оние Европјани и сите останати во светот кои малку повеќе обрнувале внимание и учеле историја и се разбира под какви околности и влијанија ја учеле историјата.
Убаво е да се сретнуваат луѓе, еве конкретно кога бев во Портланд по завршувањето на концертот, бидејќи јас останав да ја слушам симфонијата, враќајќи се назад во гардеробата ме застана еден човек и ми рече: „добро вечер, како си“? Потоа поразговаравме и ми кажа дека работел во Македонија и Косово и беше многу инспириран од Македонија и од она што поминал во времето додека бил тука. Мене ме импонира тоа, јас сум многу среќен…
Имаше и стујардеса на летот од Сан Хуан, од Порторико за Њујорк. Додека ги чекав останатите патници во авион да седнат, почнав да разговарам со стујардесата и кога и кажав од каде сум, ми рече: „ Јас сум била во Македонија и тоа сега скоро“. Такви моменти ми даваат дополнителна инспирација. Секако има и одредени моменти кога човек ќе навлезе во разговори кои не се пријатни за мене или кој било друг Македонец, поради случките кои ни се случуваат и несериозниот политикантски однос, а на коишто нормалните интелектуални луѓе гледаат со потсмев. Јас секогаш се трудам да застанам на страната на Македонија за да дадам одредено објаснување коешто ќе биде во наша полза, поради тоа што ако самите не се почитуваме и заштитиме не треба тоа да го очекуваме од други, иако не велам дека нема луѓе што тоа не би го направиле и го правеле и ќе го прават и е добредојдено.
Што и’ е потребно на музиката во Македонија овој период?
Вкус! Софистициран однос, незаборавање на корените и автентичноста на длабочината и чистината на нашата музика и разноразните влијанија од околината којшто се огромни и болни. Многу од нашите изведувачи живеат во некаква заблуда и веројатно ненамерно ја осквернавуваат чистата македонска песна, треба само малку да се свестат и да го слушнат она што предците, а и ретките примери кои за среќа се се уште меѓу живите и коишто точно знаат како треба да се чува нашиот белег што се однесува до класичата музика.
Има доста напредок, за поздрав се одредени позитивни чекори во функционирањето на одредени институции кај нас со тоа што јас секогаш велам, бидејќи е чудо колку слушаме за најразноразни суми на средства во оваа мала држава, сигурен сум дека многу лесно може да се најдат повеќе средства за помош на уметноста и културата, она што е белег за еден народ.
Македонија како што е една чудесна земја има исклучително многу способни луѓе и наместо да живееме како Сингапур во еден домен, ние се уште за многу работи тапкаме во место. Многу генерации го поминуваат животот во надеж, а затоа и многу си одат и тоа не треба да не чуди.
Вашиот успех е огромен, постигнавте многу, продолжувате да работите со исто темпо, но што е она што можете да го испратите како порака до читателите на Опсервер? Кој би Ви бил Вам главниот фокус за успех во државава доколку денеска имате повторно 20 години?
Секогаш сум велел дека човек не треба да заборави на своите корени и од каде доаѓа. Доколку некој е добро воспитан и образован човек другото не треба да се коментира. Сега не знам дали на прашањето да одговорам како музичар или како граѓанин, меѓутоа мислам дека многу лесно оваа држава можела во последниве 30 години колку што јас сум свесен за одредени нешта да направи брз напредок и некои работи брзо да се средат. Со еден човечки дијалог и со разум многу лесно се прават нештата.
Средувањето на корумпираноста во државата, средувањето на здравството кое го кажувам како прва точка и без тоа ништо не правиме. Јас се уште не можам да сфатам како едно мало државиче уште не успеало да се поврзе со патишта и инфраструктура којашто ќе помогне во развојот на сите сегменти во животот и апсолутно ќе го спречела одливот на многу луѓе, затоа што со добра инфраструктура и добар и лесен проток трговијата ќе се одвива на многу полесен начин и едноставно постојано ќе се напредува и од тој аспект ќе има многу повеќе можности за размена на различни искуства во сите професии и на тој начин општеството ќе напредува.
Ние се воодушевуваме на западот кој бил паметен, знаел како да искористи одредени ситуации за да оди напред и треба позитивните примери да се извлечат од таму, не заради тоа што ние сме неинтелигенти или необразовани, иако стапката на образованост во моментот и критериумите се на исклучително ниско ниво што е за голема жал и срам, но надеж мора да се има и од тој аспект не дека останатите се попаметни од нас, туку едноставно да се чукнеме малку во главите и да направиме некоја подалекусежна цел и на многу попрактичен начин да ги дозавршуваме работите во интерес на доброто на сите, без да го ставаме личниот или партискиот интерес во преден и единствен план.
За жал голем процент на интелигенција од Македонија работи за развојот на други земји, односно онаму каде што се надеваат на подобар живот, ги вреднуваат и уважуваат за она што учеле и се образувале. Од тој аспект мал број на нешта кои што ги набројав на мене ми се чинат клучни за тоа што би било еден од главните фокуси за успех доколку имам повторно 20 години. Би било наблагодарно да кажам дека кога имав 20 години можеби во најразноразни сценарија би заминал од државата. Се уште ги поздравувам сите Македонци и останатите од другите националности кои живеат во Македонија и си ја сакаат оваа држава, би сакал да обрнат внимание и малку позаеднички да работат. Малку треба за оваа држава да е посреќна.
На вашата фан страна имавте споделено дека сте задоволни од одличниот прием од корејската публика за претставувањето на МАКЕДОНИСИМО, а и меѓудругото ги најавивте и настапите во Чикаго и Отава. Дали ќе можете да споделите некои детали и ваши впечатоци од тие настапи или пак ќе сакате некој да го издвоите како најпосебен за вас?
Последните концерти на МАКЕДОНИСИМО беа токму на фестивалот во Пјонгчанг каде што се одржуваа и Олимписките игри и истиот фестивал којшто ужива голем углед во Јужна Кореја не покани повторно оваа година да настапиме. Јас имав два рецитали, а настапуваме уште со два концерти на МАКЕДОНИСИМО такашто имаше можност и друга публика од разни градови да не запознае нас и нашата музика.
Корејците се многу дисциплинирана публика којашто уважува различен стил на музика и она што нам не импонира е фактот што практично многу ентузијастички реагираат на нашата музика, дури и на спонтан начин сакаат да се уфрлат во нерамномерните ритми во дел од концертот такашто од тој аспект многу топло не прифатија и мислам дека имавме уште едно успешно претставување во Кореја. Од Кореја отидов во Чикаго, потоа во Канада, во Отава каде што ми се придружија колегите од МАКЕДОНИСИМО.
Со многу препреки околу визи успеавме да се собереме и да ја оствариме северноамериканската премиера на на фестивалот на камерна музика во Отава „Чембер фест“. Настапивме во североамериканската премиера на квинетот од Панде Шахов како и триото на Шостакович. Јас настапив и во соло изведба и се беше еден вид маратон. Едниот концерт се одвиваше во 7 часот и беше директно пренесуван, а во 9 часот почнуваше концертот за МАКЕДОНИСИМО во друга сала, во различно опкружување.
Многу ми е мило што имавме можност да настапиме на еден концертен маратон. Публиката во Канада, во главниот град Отава навикната е на најразлични програми и имаат искуство со високо ниво на уметници. Имав можност да настапам таму и претходно така што во секој случај беше прекрасна реакцијата и тоа можеше да се види и на пренесот во живо.
Во една поопуштена атмосфера со најавата на концерот МАКЕДОНИСИМО преку бисот „Драчевка“ во изведбата на орото „Драчевка“ на класичниот концерт луѓето беа уште позаинтригирани за концертот и навистина беа фасцинирани на завршетокот, јас мислам и се надевам дека тоа беше еден убав почеток на презентацијата на МАКЕДОНИСИМО на северноамериканскиот контитент.
Ја завршив својата концертна сезона со ненадејно патување до Буенос Аирес на настап со филхармонискиот оркестар на тој град на еден од најпрочуените и највозвишените театри во светот „Театро Колон“ во изведба на Рахмањинов. Бев фантастично примен, со неверојатна топлина од страна на Аргентинците и добив покана за следната година. Тие имаа потенцијален интерес за МАКЕДОНИСИМО такашто на МАКЕДОНИСИМО допрва му престојат убави денови, а тоа е она што јас го замислував пред пет години кога почнавме и безразлика на двете години коишто стопираа многу нешта и многу планови и концерти, ние со верба и желба продолжуваме напред.
На Вашата официјална веб страница, https://www.trpceski.com/, може да се види густиот распоред на Вашите настапи низ светот. Кои се Вашите професионални планови за остатокот од 2022 година? Сметаме дека секој Македонец се гордее со тоа како низ музиката глобално ја претставувате нашата земја. Ќе ни откриете ли дали планирате да одржите настапи и во Македонија и каде во најскоро време ќе може да Ве види нашата публика? Ќе може ли тоа да го најавите за нашите читатели?
Небулоза е што два пати свириме во Јужна Кореја, а ниеднаш во Македонија, но во секој случај тоа ќе се смени многу набрзо.
Сакам да најавам и сум исклучително среќен што на петгодишнината од светската премиера, конечно ќе си дојде дома во Македонија, онаму каде што припаѓа во земјата за чиј народ е овој проект посветен и се разбира дека сите останати нејасни претстави ги оставаме на страна. Мојата иницијатива и желба се разбира е во дослух со менаџментот од Лондон и со сите луѓе коишто искрено влегоа во разбирањето на визијата на овој проект, а и свеста за своите корени. Тука не зборувам за Министерство за култура, зборувам само за спонзори коишто исклучиво стојат како поддршката на престојните концерти во Македонија и благодарение на нив доаѓаме до еден историски момент преку кој македонскиот народ ќе може да си го чуе својот корен во една сосема поинаква приказна.
Пред се сум многу среќен што тоа ќе се случи во вид на предпремиера во Збажди, селото на мојот татко, во бунтовна Малесија од каде што излегла голема револуционерна крв, луѓе коишто знаеле за што се борат за разлика од денешницата каде што Македонците не се свесни какви грешки прават за иднината на своите деца. Како и да е постојат и други Македонци коишто веруваат во себе и во она за што нивните претци се бореле и љубовта и коренот којшто го чуваат во себе никој не може да им го избрише.
Претпремиерата во Збажди, онаму каде што автентично тргнува приказната за МАКЕДОНИСИМО ќе се случи на 27 Август, во очи на празникот Богородица, којшто е празник на селото Збажди и тоа ќе биде еден вид припрема за големата премиера што ќе се случи наскоро.
Тоа ќе се случи набрзо, а во меѓувреме МАКЕДОНИСИМО го продолжува својот пат на освојување на Европа со концерти на фестивалот во Сион што ќе го затвориме на 4-ти Септември, а потоа и во престижната „Том Хале“ во Цирих, концерт кој заради одредени случки и непознавања на правила во Швајцарија минатата година беше откажан, но еве промоторот покажа почит и интерес сепак овој концерт да се планира повторно и затоа на 11-ти Септември свириме повторно во Швајцарија.
Што се однесува до другите планови, јас почнувам интензивен период сега со концерот во Збажди, понатаму после Скопскиот концерт ме чека еден исклучително голем концерт со огромна чест на четириесетгодишниот јубилеј од кариерата на големиот Максим Венгеров што ќе се случи во Лондон и каде што заедно ќе свириме со него и со виолончелистот Миша Мајски, а потоа одам повторно на фестивал во Марибор каде што сум резидентен артист.
Ќе бидат одржани три концерти заедно со колегите од МАКЕДОНИСИМО во изведба на класична камерна музика, потоа со колеги од Словенија ќе свирам уште еден концерт, а ќе го затвориме фестивалот заедно со Александар Сомов и Александар Краповски од МАКЕДОНИСИМО во изведба на тројниот концерт за пиано, виолина, виолончело со оркестар на Бетовен под диригентската палка на Габриел Бебешелеа од Романија и трансилванискиот Државен оркестар од Клуж каде што Габриел е и шеф диригент.
Потоа продолжувам на турнеја со Кралскиот филхармониски оркестар од Лондон заедно со Василиј Петренко и ќе ги посетиме Загреб, Братислава и Каунас. После тоа следат концерти со оркестарот во Клуж, повторно во Романија, потоа во Чикаго и на мое огромно задоволство ќе се посветам на претставувањето на Македонија на детскиот Евросонг каде што сум почестен и горд затоа што мојата ќерка Лара ќе ја претставува нашата земја, во земјата каде што јас многу пати сум бил и сум многу почитуван од тамошниот народ во Ереван во Ерменија.
Навистина има доста работа, но се се случува за добро и да се надеваме дека МАКЕДОНИСИМО ќе успее да ги побуди свеста и националното чувство на Македонците во овие времиња на себеразнебитување.