Утре, 19-ти октомври почнува 47-то издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, еден од најголемите во Бразил, а со светско реноме, кој годинава ќе прикаже 362 филма од 96 земји, како преглед на современата светска кинематографија, но и претставување на новите трендови, теми, наративи и естетика.
Фестивалот ќе прикаже два филма во кои „Скопје Филм Студио“ учествува како македонски малцински копродуцент. Тоа се ЧУВАРИТЕ НА ФОРМУЛАТА на Драган Бјелогрлиќ, српско-македонско-словенечко-црногорска копродукција и МОЛКОТ НА СИРЕНИТЕ дебитантско остварување на Газменд Нела, направен како косовско-швајцарско-албанско-македонска копродукција.
„МОЛКОТ НА СИРЕНИТЕ го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово, семеен човек, ниту многу чесен, ниту многу храбар. Со неговиот партнер Гезим примаат ситно мито од возачите кои ги сопираат поради брзо возење. Една вечер, мислејќи дека прават добра работа, спроведуваат до полициската станица меѓународен судски обвинител кој возел под дејство на алкохол, со торба полна со готовина во задниот дел од автомобилот. Тие двајцата набрзо се наоѓаат заплеткани во случај на корупција, што оди предалеку за нив.“
Нашата актерка Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги во филмот, свој авторски придонес има Влатко Чачоровски како сценограф, а како продуцент се потпишува Томи Салковски. Во рамките на натпреварувачката програма Нови режисери, филмот ќе ја доживее својата Светска премиера на 20-ти октомври (петок), а ќе следуваат уште две проекции, на 23-ти и 28-ми октомври.
ЧУВАРИТЕ НА ФОРМУЛАТА е заснован на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, а инспириран од вистински настан што се случил пред точно 65 години. Во Србија, 1958 година, во институција за нуклеарни истражувања, група научници се контаминира за време на експеримент и набрзо се разболува од зрачењето. Тие се испратени на лекување во Париз, но нивната единствена шанса за преживување е трансплантација на коскена срцевина, за тоа време сѐ уште експериментален третман и прв во светот од ваков вид. Филмот се прикажува во фестивалската програма Интернационална перспектива, со проекции закажани за 25-ти, 29-ти и 30-ти октомври.
„Чуварите на формулата“, кој имаше Светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, пред публика од околу 8000 гледачи и веќе ги освојува критиката и љубителите на филмот, вечерва од 20:00 часот во киното Синеплекс во Скопје, ќе биде за прв пат прикажан пред македонската публика, во рамките на Фестивалот КинеНова.
Двата филма се поддржани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.