Филмската програма на 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се приближува кон крајот и на последната фестивалска вечер на 24 август ќе бидат прикажани четири документарни остварувања на локации во Куршумли-ан, Сули-ан и на платото пред Музеј на Македонија.
На програмата во Куршумли-ан, во 21 часот, се краткиот документарец „Еве, и јас танцувам“ (Чешка, Германија / 2023 / 21’) на Мохамад Вализадеган, чија приказна зборува за танцот како начин на себеизразување, но и за забраните за танцување во Исламската Република Иран, додека долгометражниот документарен филм „Вика!“ (Полска, Германија, Финска / 2023 / 72’) на Агњешка Цифка ја раскажува животната приказна на 84-годишната харизматична и колоритна диџејка Вика, која е вистинска ѕвезда на варшавските ноќни клубови.
Во Сули-ан, во 20.30 часот, ќе биде прикажан последниот филм од програмата „Земја во фокус – Данска“. Станува збор за долгометражниот документарен филм „Музика за црни гулаби“ (Данска / 2022 / 92’) на Андреас Кофуд и Јурген Лет, кои ги отвораат прашањата дали е можно емоциите на музиката да се пренесат со зборови.
На платото пред Музеј на Македонија, во 20.30 часот, репризно ќе биде прикажан документарниот филм „Спроти ветрот“ (Индија, Франција / 2023 / 97’) на индиската режисерка Сарвник Каур, каде монтажери на филмот се Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а композитор на музиката е Игор Василев – Новоградска.
Пред почетокот на филмската програма во Куршумли-ан ќе се одржи церемонијата на објава и доделување на наградите на 14. „Македокс“. Фестивалот секоја година ги доделува наградите „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и Награда за најдобри етички идеи.
На последната сесија од годинашните „Разговори под смоквата“, кои ќе се одржат од 18 часот во Куршумли-ан, ќе учествуваат членови на комисиите кои одлучуваа за фестивалските награди.
Годинашното издание на „МакеДокс“ со мотото #пресечи се одржува од 17 до 24 август со тематски фокус на монтажата на документарниот филм. На фестивалот се прикажаа 75 филмски остварувања и присуствуваа над 100 гости и филмски автори од странство.