На петтото издание на „Флипбук Филм Фестивал“ кој се одржa од 8 до 11 август годинава во Кинотеката на Македонија беа прикажани близу 100 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.
Жирито на главната и селекцијата на анимиран документарен филм во состав Никица Гилиќ од Хрватска, Андријана Ружиќ од Србија и Влатко Галевски од Македонија, ги наградија следните филмови: наградата за најдобар филм во главната селекција е за филмот „Три птици“ на словенечката режисерка Зарја Менарт, а специјално признание доби филмот „Фустан за финале“ на хрватската режисерка Мартина Мештровиќ.
Во селекцијата на анимирани документарци главната награда ја доби „Дали е сега време да те оставам“ на тајванката Ји Чин Цаи, а специјалното признание го доби португалскиот филм „Перцебес“ на Александра Рамирез и Лаура Гончалвес. Жирито на студентските филмови и анимираните музички спотови во состав Гала Фрекон од Франција, Ана Опачиќ од Хрватска и Никола Радуловиќ од Македонија, наградата за најдобар студентски филм му ја додели на грузискиот „Румените образи на Маро“ на Маријам Жорданија, а двете специјални признанија отидоа кај „Адама“ на Дан Макс Ницан Мејер и „Закачена на илузии“ на Лаура Изабел Шнајдер.
Наградата за најдобар анимиран музички спот ја доби „Добидник’ на Капусин Гугле и Капусин Мулер, а специјалните признанија ги добија „Чао бела“ на македонскиот автор Александар Ристески и „Кучето Даги“ на Џереми Булар и Пол Буржоа. Наградата за најдобар филм со еколошка порака која секоја година ја доделува организацијата Еко свест, ја доби филмот „Чекање“ на Вокер Шлехт.
Годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, организацијата Еко Свест и Кинотеката на Македонија.