Учениците на „Simply Art“ од Хонг Конг, Кина се избрани за најдобро школо учесник на годинашната светска детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ и тие добија посебна Плакета од покровител на колонијата, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Со одлука на меѓународното стручно жири за најдобар учесник-ученик на светската детска ликовна колонија е прогласена Мируна Иоана Морте од Романија и таа доби и посебно признание од Здружението на занаетчии на Битола кое секоја година доделува сребрен крст кој е изработен во 1ООО годишен калап.
Според востановената традиција организаторот, детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола додели посебни награди за индивидуален ликовен пристап, а благодарница беше врачена и на волонтерите од битолскиот Црвен крст.
За време на колонијата на која годинава учествуваа 2О делегации од 15 држави од цел свет, а на која што твореа над 8О учесници, во трајна сопственост на студиото оставени се над 4ОО ликовни дела.
Од Детско ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Битола информираа дека делата од Манастирот Свети Јован Бигорски ќе бидат донирани на Бигорската Обител додека со КИЦ Битола ќе реализираат заедничка изложба со слики на Офицерски дом – Битола.