Млади балерини од интернационалното училиште за балет „Булфрогс балет“ (Bullfrogs Ballet) во Скопје освоија прво место на Европското балетско гран-при кое се одржа во Виена.
Под менторство на уметничката директорка на училиштето, Александра Никифоровски и балетскиот педагог и поранешна балетска солиста Елена Митевска, ученички на различна возраст од 8 до 18 години го освоија првото место во јуниорската категорија професионалци: групни кореографии – класичен балет, на престижното Европско балетско гранд-при, кое се одржа во Виена, Австрија, од 6 до 9 февруари годинава.
Учениците изведоа фрагмент од балетот „Сон на летната ноќ“, според кореографската адаптација на Александра Никифоровски, според Џорџ Баланшин. Освен првото место во категоријата во која настапија, со 92,33 поени, групната кореографијата беше и третата најбодувана изведба во рамки на целиот натпревар, односно во сите категории, од страна на шестчлената жири-комисија, составена од врвни професионалци.
Европското балетско гран-при е реномиран меѓународен балетски натпревар кој се одржува секоја година во Виена, на кој учествуваат млади балетски уметници од целиот свет. Натпреварувачите се поделени во две категории – професионалци и рекреативци, како и според возраста.
Ова е второ учество на балетски ученици од Булфрогс Балет училиштето, на престижниот европски натпревар. На првото учество во 2023тата година, ученичките Елена Василевска (12) и Виола Имери (13 години) со дуетот „Пицикато“ освоија трети лауреат во категоријата класичен балет за тинејџери (teens professional).
– „Покрај групната кореографија, дел од нашите ученици се натпреваруваа и во соло категории, и настапија со различни варијации од класичниот балет. Во секоја од категориите, тие настапија со сериозна конкуренција и јас сум многу горда што котираа релативно високо, но и што личните резултатите им се подобри од минатогодишните. Особено сум среќна што и вон официјалниот дел од натпреварот, добивавме и пофалби од балетските мастери и жири комисијата за нашата работа, што за мене е индикатор дека со посветена работа, верба и истрајност и на тимот педагози и на младите балерини, можеме да стигнеме многу далеку“ изјави Никифоровски.
Bullfrogs Ballet е интернационално училиште за балет основано во 2009 година, кое спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, основно и средно образование. Низ годините „Булфрогс балет“ има продуцирано десет балети и над 25 одиграни претстави, еден документарен филм, пет драмски претстави, 18 летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастер класови и едукативни предавања.