Буџетот за филм за 2024 во фокусот на средбата на филмаџиите и Министерката за култура

Sredba na filmski profesionalci i ministerka za kultura
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На барање на филмските професионалци (режисери и продуценти), денеска во Кинотека на Македонија се одржа конструктивна средба со Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. На средбата се разговараше за дефинирање на буџетот за филм за претстојната 2024 година и конечна стандардизација на годишниот буџет за филм, како стабилна ставка во државниот буџет. Филмаџиите и министерката разговараа и за донесување на посебен буџет за телевизиски серии, надвор од буџетот за филм, а посебен акцент беше ставен и на неопходноста од донесување на нов закон за филм според европски стандарди.







Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека максимално ќе се заложи и во соработка со Директорот на агенција за филм, Бојан Лазаревски ќе ги вложи сите напори за реализација на првично проектираната ставка во буџетот од 5 милиони евра и максимално ќе се потруди да нема кратења на буџетот за филм за следната година. Покрај тоа, министерката за култура вети дека ќе се заложи и за донесување на посебен буџет за телевизиски серии, кој нема да го загрози буџетот за филм, како и дека наскоро ќе биде донесен нов закон за филм според потребите на филмските професионалци и во согласност со современите текови.

Филмските професионалци предложија ставката за финансирање од буџетот на државата да биде по глава на жител или процентулно од буџетот, односно како расте буџетот на државата, така да се зголеми и филмскиот буџет. Според нив, постојаните кратења на буџетот за филм не се повеќе прифатливи, посебно во време на инфлација, кога државниот буџет расте, а филмскиот буџет се намалува и крајно време е веќе ваквата нелогичност да биде надмината.

Покрај тоа, филмските режисери и продуценти сметаат дека актуелниот Закон за филм донесен во 2014. година не е во согласност со начелата на филмската дејност и не им одговара на филмаџиите по многу основи и дека веќе подолго време се залагаат за донесување на нов Закон со кој би се стандардизирал националниот буџет за филм и конечно би се решил статусот на филмските работници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK