Белградската филхармонија и Зубин Мехта во сабота на концерт во Скопје

Zubin Mehta
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во сабота во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградската филхармонија предводена од маестро Зубин Мехта во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.


Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години.

Концертот, со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето, ќе биде негов 11 настап со овој оркестар.

Концертот со Белградската филхармонија ќе биде трет настап на Мехта во Скопје. Првиот беше во 1967 година кога настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, а вториот во 2007 година кога го предводеше концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем.

Мехта е роден 1936 година во Бомбај, а своето прво музичко образование го стекнал под менторство на својот татко Мехли Мехтa, истакнaт концертен виолинист и основач на Бомбајскиот симфониски оркестар. По краткиот период на студии по медицина во Бомбај, се сели во Виена во 1954 година, каде, се запишува на Музичката академија, на диригентскиот оддел кај Ханс Сваровски. Во 1958 година победува на меѓународниот натпревар по диригирање во Ливерпул и ја освојува наградата на Летната академија во Тенглвуд. До 1961 година веќе диригира со Виенската, Берлинската и Израелската филхармонија, а неодамна прослави и 50 години од музичката соработка со овие три ансамбли. Бил музички директор на Монтреалскиот симфониски оркестар од 1961 до 1967 година, додека во 1962 година ја презема позицијата музички директор на Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес, на која се задржува до 1978 година. Во октомври 2019 година се збогува од Израелската филхармонија, во која помина 50 години. Во таа прилика е именуван за музички директор емеритус на Израелската филхармонија.

Во 1978 година ја презема функцијата музички директор на Њујоршката филхармонија, со што го започнува својот 13-годишен мандат, најдолг во историјата на овој оркестар. Од 1985 до 2017 година бил шеф-диригент на Оркестра дел Маџо Музикале Фјорентино во Фиренца.

Во октомври 2008 година, е одликуван со Царската награда од страна на јапонското царско семејство. Во март 2011 година, добива посебно признание со поставувањето ѕвезда на Холивудскиот булевар на славните. Командантскиот крст и Орденот за заслуги му ги додели Германија во јули 2012 година, а индиската Влада, во септември 2013 година го одликува со наградата „Тагоре“ за културна хармонија, која година дена порано ја доби и Рави Шанкар. Во 2022 година Владата на Австралија го именува за почесен носител на Орденот на Австралија.

Заедно со својот брат Зарин ја води Музичката фондација Мехли Мехта во Бомбај, каде повеќе од 200 децa стекнуваат знаење од областа на западната класична музика. Музичката школа Бухман-Мехта во Тел Авив развива млади таленти во Израел и блиску е поврзана со Израелската филхармонија, преку нов вид подучувања на младите арапски Израелци во градовите Шфарам и Назарет, со локални наставници и со членови на Израелската филхармонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK